ЕМА: Две дози од вакцините штитат од делта сојот, ефикасно и мешањето на две различни вакцини
Две дози од
вакцините против корона вирусот се ефикасни против делта варијантата која
забрзано се шири низ Европа. Ова денеска го потврди европската Агенција
за лекови (ЕМА), а шефот на Одделот
за вакцинација во ЕМА, Марко Кавалери порачува да се комплетира
вакцинацијата на најранливите лица што побрзо, јави дописничката на МИА од
Брисел. Истовремено, како што
потенцира ЕМА, дури и мешањето на две различни за двете дози е исто така ефикасно за намалување на
ризикот и заштита против сите соеви на Ковид-19.
Кавалери вели дека ЕМА е свесна дека двојниот мутант кој потекнува од Индија брзо се шири во Европа и дека во овој момент вакцинацијата е единствен начин да се спречи нов смртоносен бран како претходните.
– Се чини во овој момент дека целосна вакцинација со вакцина одобрена во ЕУ заштитува против сите соеви на вирусот, вклучително и делта сојот, докази од реалниот свет покажуваат дека две дози заштитуваат од делта сојот, а во лабораторија се покажува дека антителата исто така го неутрализираат, изјави Кавалери.
Посебно потенцираше дека земјите на ЕУ треба да продолжат со мерки за заштита на јавното здравје особено на најстарите и најранливите категории граѓани за да се спречи дополнително ширење на вирусот подоцна во текот на оваа година.
