Експлозија во Прага - повредена малолетничка
Експлозијата одекна синоќа кај телефонска говорница во центарот на Прага, при што една девојка е полесно повредена.
Повредената е на возраст од 16 години.
Експлозијата е предизвикана од неправилно ракување со забавно пиротехничко средство, соопшти полицијата која трага по сторителите.
Чешкиот министер за внатрешни работи, Милан Хованец на социјалната мрежа Твитер напиша дека настанот не е терористички чин.
Во Чешка се воведени безбедносни мерки, по неодамнешниот терористички напад на божиќниот базар во Берлин, во кој загинаа 12 лица, а неколку десетици беа повредени.
Според Хованец, специјалните мерки за заштита на електраните или местата каде се собираат голем број луѓе, ќе останат да важат минимално до пролетта идната година.
