Економија, финансии, бизнис

Контакт

Експлозија на пакет-бомба во Монако: повредени се украински олигарх и неговото семејство

Експлозија на пакет-бомба во Монако: повредени се украински олигарх и неговото семејство

Бомба скриена во пакет во станбена зграда во Монако сериозно го повреди украинскиот олигарх Вадим Јермолаев и уште двајца членови на неговото семејство, објавија француските и украинските медиуми.

Партнерката на Јермолаев и неговиот 13-годишен син, исто така се повредени, објави Би-Би-Си. Родителите се во критична состојба.

Експлозијата се случила кратко пред 21 часот по локално време на улицата „Реверен Пере Луј Фрола“, во близина на француската граница.

Владата на Монако соопшти дека експлозијата е предизвикана од пакет-бомба, додека државниот министер Кристоф Мирманд изјави за АФП дека експлозивната направа содржела завртки и метални топчиња, што укажува на намера да се предизвикаат што е можно повеќе сериозни повреди.

Тој рече дека станува збор за „намерна експлозија“ и дека полицијата истражува, објави медиумот.

Францускиот весник „Фигаро“ објави дека снимките од надзорните камери покажуваат како маж го остава својот ранец во лобито на зградата кратко пред експлозијата.

Владата на Монако соопшти дека осомничениот е снимен како бега пеш кон Франција по нападот.

На местото на настанот се испратени повеќе од 100 полицајци и служби за итни случаи.

„Колку што знам, ова е прв пат во историјата да се случи ваков чин во Кнежевството“, рече Мирманд.

Три повредени лица беа однесени во болница во францускиот град Ница на лекување.

Принцот Алберт Втори го осуди нападот, нарекувајќи го „грозоморно злосторство“ и „шок за целата заедница“.

Тој додаде дека „сите релевантни државни служби се моментално ангажирани“ и дека тесно соработуваат со француските власти.

Вадим Јермолаев е инвеститор во недвижности кој ја напушти Украина пред неколку години. Украина му воведе санкции во декември 2023 година.

Тој престојува во Монако како „ВИП бегалец“ од почетокот на војната во Украина, изјавил извор близок до истрагата за „Ле Фигаро“. Во моментот на експлозијата се враќал во зградата каде што живеат со својата партнерка и синот тинејџер. 

Полицијата сè уште го бара осомничениот.

Фотографиите објавени од медиумите покажуваат маж како трча со црна капа на главата.

Станбената зграда се наоѓа на плоштад во близина на границата со Франција, а осомничениот наводно избегал пеш кон францускиот град Босолеј.

Мирман рече дека околу 50 пожарникари и над 80 полицајци дошле на местото на настанот. Француските служби за итни случаи, исто така, помагаат, според извори во француското Министерство за внатрешни работи, а француската и полицијата на Кнежеството Монако започнале заедничка операција за пронаоѓање на осомничениот.

Принцот Алберт II, во соопштението што го објави во текот на ноќта,  инцидентот го опиша како „криминална експлозија“ и „шок за целата заедница во Монако“, додавајќи дека сите релевантни владини служби се активирани во тесна соработка со француските власти за да ги идентификуваат одговорните.

Ерик Чоти, градоначалникот на блискиот француски град Ница, во објава на Икс нападот го нарече „трагедија што го погоди Монако“. Тој изрази поддршка за службите за итни случаи, пренесува ДПА.

Фото: Принтскрин/Инстаграм

Слично

Поврзани вести