Експлозии во руски град, најмалку тројца загинати
Најмалку три лица загинаа во експлозии во рускиот град Белгород, кој се наоѓа во близина на границата со Украина, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков на апликацијата Телеграм.
Најмалку четири лица се повредени, од кои две се хоспитализирани, меѓу кои и едно 10-годишно момче.
Експлозиите делумно уништија 11 станбени згради и најмалку 39 куќи, рече тој, додавајќи дека експлозиите ги активирале и системите за противвоздушна одбрана.
„Истражуваме што се случило“, додаде тој.
Би-би-си пишува дека не може самостојно да ги потврди изјавите на гувернерот и дека се уште нема реакција од Украина.
Белгород, град со речиси 400.000 жители, на околу 40 километри северно од границата со Украина, е административен центар на регионот Белгород.
Откако Русија ја започна својата инвазија на 24 февруари, имаше бројни извештаи за напади врз Белгород и други региони кои граничат со Украина, при што Москва го обвини Киев дека ги извршил нападите.
Украина не ја презеде одговорноста за претходните напади, но ги опиша инцидентите како одмазда и „карма“ за руската инвазија.
Москва своите дејствија ги нарекува „специјална воена операција“ за разоружување и „деназификација“ на Украина.
Украина и нејзините западни сојузници велат дека војната е неиспровоциран акт на агресија.
