ЕКСЛУЗИВНО СО МАГЕЛАЅЕ: Грузија нова мета на Путин - Протести и закочен влез во ЕУ и НАТО
Тепачки во парламент, масовни протести и
судири со полицијата. Ова е сликата за Грузија, држава која веќе помина една
„олимписка војна“ со Путин. Развојот на настаните во Тбилиси е важен не само за
регионот во кој спаѓаат Украина, Молдавија и Белорусија, туку и за Македонија
која стана членка на НАТО, но и натаму е блокирана на влезот во ЕУ иако ги
постави сите стратешки одлуки според насоките на западното сојузништво.
Повод за нестабилноста е предлог законот за регистрација на странски агенти за кој критиките се „дека е подготвен од кујната на Кремљ“, што значително ја оддалечува земјата од членство во западните организации но, и се заканува на демократскиот потенцијал.

„Со предлог законот се тврди дека ќе се обезбеди транспарентност околу странското влијание, но реалностa е дека голем дел од Грузијците ќе бидат подложени на потенцијална кривична одговорност, изложеност на личните податоци и нарушување на приватноста. Дополнително, на владините функционери ќе им биде овозможено по сопствена волја да ги користат одредбите со што ќе се поттикне корупцијата и неоправдано ќе се вознемируваат луѓе и компании“,вели Саломе Магелаѕе граѓански активист и потпретседателка на Европската демократска младинска мрежа - ЕДИН.
Со неа директно разговаравме за опиозициските протести во Тбилиси и загриженоста дека Грузија може да биде следната мета на Путин. Главните закани се дека со спорниот закон се врши политичко влијание и обид за замолкнување на опозицијата. По одржаните протести во Тбилиси и сугестиите од западните сојузници предлог законот беше повлечен.

Дали со овој потег може да се смета дека е спречен обидот за воспоставување на поголема контрола врз критичната мисла и слободата на изразување во земјата или и натаму постојат предизвици?
„Тоа е добро прашање. Низ нашето горко искуство научивме дека не треба да и веруваме на владејачката партија и нејзините ветувања. Слична ситуација имавме кога побаравме пропорционален изборен систем. По многу денови на протести тие ги прифатија барањата за да се стабилизира состојбата но, на крајот не ги исполнија ветувањата. Во април 2021 година, по долги преговори, партијата „Грузиски сон“ го отфрли предлогот со посредство на Шарл Мишел претседателот на Европскиот Совет, обвинувајќи го опозициското „Национално движење“ дека не го исполнило договореното. Затоа никој не знае какви се сега нивните планови и треба да бидеме многу внимателни“, вели Магелаѕе.
Солидарност со Украина или претпазливост со Русија
Кога се говори за Украина неизбежно е да се помисли дека е возможно повторување на крвавата епизода од 2008 година. Грузија и покрај тогашното спротиставување на Путин не стана членка на НАТО. По години на исчекување, новата власт ги отфрли предлозите од Европската Унија за спроведување на планот од „12 точки“ и се наоѓа на ветрометрина меѓу Истокот и Западот.
Какво е сега, расположението во Грузија една година по војната во Украина. Дали земјата и натаму има волја да продолжи со посакуваната ЕУ и НАТО интеграција или постои обновено проруско расположение?
„Расположението во Грузија е во насока на поддршка за Украина, како што беше и пред една година. Ние имаме многу близок однос со украинскиот народ. Деновиве на сите митинзи по интонирање на химната на Грузија се пушта и химната на Украина. Грузискиот народ им помага на украинските бегалци на секој можен начин. Ние секогаш сме ја поддржувале и ќе бидеме со Украина. Што се однесува на вториот дел на прашањето, можам да укажам на сите анкети кои покажуваат дека огромното мнозинство на Грузијци поддржуваат влез во ЕУ и НАТО. Нашата држава секогаш припаѓала во европското семејство и култура“, посочува Магелаѕе.

Неисполнети европски соништа
Кога Грузија беше нападната во очи на Летните олимписки игри во 2008 година се говореше за можно членство во НАТО, што експресно преку воена интервенција во оспорениот регион Абхазија го спречи Владимир Путин. Грузискиот народ, слично како и во Македонија, дава силна поддршка за членство во западните организации, но тој сон никако да се оствари.
Колку многу бавната интеграција и можеби делумно загубениот интерес на Западот за Грузија, откако целото внимание е насочено кон ситуацијата во Украина, го загрозува демократскиот потенцијал на грузиското општество и во кој правец ќе се движи земјата понатаму?
„Функционирањето на нашиот граѓански сектор и нашата младина прави да верувам дека нашата иднина ќе биде светла. После овие денови, уште еднаш се уверив во тоа колкава моќ имаат младите. Уште еднаш се уверив дека секогаш е важно да се бориме. Треба да го зајакнеме политичкото учество на младите, тие треба да се занимаваат со политика, да го преземат лостот на владеење и да ја вратат земјата на вистинскиот пат. Спроведувањето на 12те препораки од страна на ЕУ е единствениот начин да преживееме и успееме“, смета Магелаѕе.

Многу Грузијци отворено ја поддржаа Украина и украинскиот народ како жртви на воената агресија од Русија, потсетувајќи се и на војната низ која вие самите поминавте во 2008 година. Постои ли ризик Грузија да биде следна и како исходот од руско-украинската војна ќе се одрази кај вас?
„Украина влегува во уште една година на храбар и успешен отпор на руската целосна инвазија и големите битки допрва следуваат. Импликациите на овој конфликт врз глобалната безбедносна архитектура останува да се видат и во голема мера ќе зависат од исходот на тековната војна. Ако Украина падне, Тбилиси би можел да биде следната цел. Од друга страна, успехот на Украина би вдахнал нов живот во евроатлантските амбиции на Молдавија, Украина и Грузија, доколку се внимава на придружните ризици. Затоа, грузиската политичка елита треба активно да работи на надминување на неодамнешните неуспеси во односите Грузија-ЕУ. Најважно е како ќе бидат решени предизвиците во односите со Украина, бидејќи стратешкото партнерство со Киев, ќе биде одлучувачки фактор за регионалната безбедносност и создавањето на новата безбедносна архитектура“, заклучува Магелаѕе.
Х. С.