Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕКС-КАНЦЕЛАРОТ ШРЕДЕР ГО ТУЖИ БУНДЕСТАГОТ: Тој се уште е близок со Путин и во мај му беше одземено правото на канцеларијата

ЕКС-КАНЦЕЛАРОТ ШРЕДЕР ГО ТУЖИ БУНДЕСТАГОТ: Тој се уште е близок со Путин и во мај му беше одземено правото на канцеларијата

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој во Германија се почесто го прозиваат заради проруските ставови, поднесе тужба против долниот дом на германскиот парламент, Бундестагот, во обиду да си ги врати своите привилегии како поранешен шеф на Владата, пренесува Ројтерс повикувајќи се на агенцијата ДПА.

На 78-годишниот Шредер му беше одземено правото на канцеларијата финансирана од државата во мај поради зголеменото незадоволство поради неговото одбивање да се дистанцира од рускиот претседател Владимир Путин по руската инвазија на Украина, наведува Ројтерс.

Адвокатот на Шредер, Михаел Нагел, денеска за германската агенција ДПА изјави дека поднел жалба до управниот суд во Берлин.

Во судската пријава, до која ДПА имала пристап, се наведува дека одлуката за затворање на канцеларијата на Шредер и прераспределба на преостанатите вработени „наликува на апсолутистичка кнежевска држава во однос на начинот на кој е направена“ и дека тоа не треба да се дозволи да постои во земја на уставна демократија.

За време на неговиот мандат како канцелар, од 1998 до 2005 година, Шредер воспостави силна врска со Путин и го нарекува близок личен пријател. На крајот на минатиот месец тој отпатува во Москва на средба со Путин, по што изјави дека Русија сака пријателско решение за војната во Украина.

ФОТО: EPA/ALEXEI DRUZHININ

Слично

Поврзани вести