ЕК СО СЕРИЈА ЗАБЕЛЕШКИ ЗА СРБИЈА: Не е само Русија, туку и за односите со Хрватска, Црна Гора и Косово
Европа има серија забелешки за нашиот северен сосед. За Србија проблем не е само односот со Русија, се наведува во извештајот на Европската Комисија(ЕК).
Србија нема добри односи со Хрватска, Црна Гора и Косово. Се вели дека односите со Хрватска се „сè повеќе затегнати со повремени политички конфликти“. Односите на Србија со Црна Гора во документот се оценети како „предизвикувачки“. За односите меѓу Белград и Приштина, се оценува дека нема конкретен напредок. Во документот, Белград и Приштина се поканети „без натамошно одлагање“ конструктивно да се ангажираат и да ги унапредат преговорите за сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација.
Стапката на усогласеност на Србија со европската заедничка надворешна политика „значително е намалена“ од 64 отсто во 2020 година на 45 отсто годинава, јави дописникот на МИА од Белград.
Во нацрт-извештајот што ќе биде објавен утре, а до кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше пристап, се нагласува дека Србија не се усогласила со санкциите против Русија, кои ЕУ и ги воведе на Москва како одговор на агресија во Украина.
