ЕГЗЕКУТИРАНИ СЕ ШЕСТ ЛУЃЕ: Иран ги казнува оние кои шпионирале за Израел
Иран егзекутира повеќе обвинети за шпионажа за Израел додека продолжуваат апсењата.
Иранските власти oвие две недели егзекутираа најмалку шест луѓе обвинети за шпионажа во корист на Израел.
Во средата беа обесени тројца мажи – Идрис Али, Расул Ахмад Расул и Азад Шоџаи – по обвиненија за шпионажа, според извештаите на меѓународни медиуми. Неодамна, уште тројца други, меѓу кои Мохамад Амин Махдави Шајесте, Маџид Масиби и Есмаил Фекри, беа егзекутирани веднаш по воздушните напади на Израел на 13 јуни годинава.
Судските органи на Иран ги обвинија последните обесени дека се обиделе да увезат опрема во земјата со цел да извршат атентати.
Иран држи во затвор и други лица на кои им се заканува смртна казна, меѓу кои и Ахмадреза Џалали, државјанин со двојно (шведско-иранско) државјанство, кој е притворен повеќе од седум години. Неговото семејство ги отфрла тврдењата дека бил израелски шпион.
Според податоците на организациите за човекови права, годинава најмалку девет лица се егзекутирани поради слични обвиненија, а активистите остро реагираат на недостигот од фер и транспарентен судски процес.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац откри во интервју за „Канал 13“ дека Израел имал намера да го елиминира врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, но дека таа можност никогаш не се појавила.
Цели 12 дена меѓу Израел и Иран имаше напади. Израел тврди дека со производството на нуклеарно оружје, Иран го загрозува нивниот опстанок.
