Eдно име изненади на листата на најмоќни луѓе на „Форбс“
Угледниот магазин „Форбс“ ја објави новата листа на најмоќни луѓе во светот. Втора година по ред на врвот на оваа листа е рускиот претседател Владимир Путин, пред неговиот американски колега Барак Обама.
Но, на листата се најде и едно име кое изненади многумина. Самопрогласениот калиф на Исламската држава, озлогласениот Абу Бакр ал-Багдади е рангиран на 54-тото место на светски моќници.
За неговото фаќање САД неодамна понудија и награда од 10 милиони долари.
Првите петмина најмоќни не се менуваат од лани: Путин, Обама, кинескиот претседател Кси Џингпинг, папата Франциско и германската канцеларка Ангела Меркел. Споредувајќи ги Путин и Обама, „Форбс“ прашува: „Кој е помоќен - семоќен лидер на чело на корумпирана и воинствена сила или претседател со врзани раце на чело на доминантната држава во светот?“
Меѓу новите имиња кои се најдоа на листата од годинава се индискиот премиер Нарендра Моди (15 место) и основачот на Алибаба и најбогат Кинез Џек Ма (на 30-тото место). На листата на 100 најмоќни луѓе 26 се Американци, 19 се Азијати - од кои шестмина од Кина, а 39 се претседатели на управи на моќни компании.
Само девет на листата се жени, а од позвучните имиња меѓу нив, покрај Меркел, е и претседателката на ММФ Кристин Лагард на 33-тото место.
Слично
