Една терористичка група беше разбиена, има и други во Париз
Францускиот претседател, Франсоа Оланд денеска изјави дека бил спречен напад и била разбиена терористичка група по откривањето на автомобил со боци со гас во Париз за време на викендот, соопшти Франс прес.
Оланд повика на зголемена внимателност. Уапсените жени планирале да извршат напад на Лионската станица во Париз.
„Еден напад беше спречен" - изјави Оланд при пристигнувањето во Атина на самитот за медитеранските земји од ЕУ.
Тој го поздрави разузнавачките служби, полицијата, жандармеријата и армијата за нивните дејства за спречување на терористички напади.
„Внимателноста треба да биде засилена колку што е потребно и тоа е ангажман како на државата, така и на целото општество" - додаде Оланд.
Француската полиција денеска соопшти дека го уапсила пријателот на една од трите осомничени жени, уапсени во врска со автомобил со боци.
Човекот кој е познат на разузнавачките служби како радикален исламист, бил приведен синоќа. Неговиот брат сега е во притвор за врски со џихадист кој во јуни уби полицаец и неговата девојка во нивниот дом во париско предградие.
