Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕБРД ќе продолжи со финансиската помош за регионот

ЕБРД ќе продолжи со финансиската помош за регионот
На годишното собрание на Европската банка за обнова и развој, коешто ќе се одржи на крајот на идната недела во Турција, во фокусот ќе бидат економските предизвици на регионот и начините на заживување на економскиот раст, се наведува во соопштениот на Банката. Годишното собрание на Европската банка за обнова и развој ќе се одржи кон крајот на следната седмица на 10-ти и 11-ти мај во турската метропола Истанбул, првпат надвор од традиционалниот регион во кој дејствува ЕБРД, а кој го сочинуваат поранешните комунистички европски држави. Акцентот на годишното собрание ќе биде ставен на економските предизвици со кој се соочува регионот што ги опфаќа пределите од Европа до Северна Африка, како и на начините за повторно воспоставување на економскиот раст преку технолошките и финансиските иновации, зголемување на конкурентноста и поддршка на развојот на малите и средни претпријатија. На собранието свое обраќање меѓу другите говорници ќе има и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, како и политичките лидери од четири арапски држави во кои ЕБРД има инвестиции, претставници на менаџментот на Банката, како и познати експерти од регионот и држави кои се акционери во ЕБРД. Во текот на годишното собрание ЕБРД ќе ги објави најновите економски процени за регионот, вклучувајќи го и јужниот и источниот Медитеран. ЕБРД, којашто минатата 2012 година инвестираше рекордни 8,9 милијарди евра, ќе ја зголеми помошта за малите и средни претпријатија во регионот и ќе обезбеди подобар пристап до финансиите. „Во периодот на слаб економски раст за регионот од посебна важност е спроведувањето на структурни реформи. ЕБРД ќе настојува да го поддржи регионот во тоа", вели во најавата на собранието претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабати. ЕБРД е основана 1991 година со цел да и помогне на посткомунистичките држави во нивниот пат кон демократија и пазарна економија. Банката е активна во 34 држави, а минатата година инвестираше и во Египет, Мароко, Јордан и Тунис и од неодамна нејзина членка стана и Косово.
Слично

Поврзани вести