Економија, финансии, бизнис

Контакт

Џорџ Сорос под истрага за инвестициите во „Хербалајф“

Џорџ Сорос под истрага за инвестициите во „Хербалајф“
Под сомнение дека инвестицискиот фонд во сопственост на семејството на американскиот милијардер Џорџ Cорос, нелегално користел информации при тргување со акции на маркетинг компанијата Хербалајф, американската Комисија за хартии од вредност почна истрага против левичарскиот политички активист, Cорос. Како што јавува дописникот на МИА од Вашингтон, истрагата доаѓа по обвинувањето на инвеститорот Бил Акман дека Хербалајф, која вработува илјадници луѓе низ светот како агенти за продажба на производи за слабеење, е пирамидална шема која ќе ги измами своите агенти кои меѓусебно се поврзани и повикани постојано да ангажираат нови агенти. Акман и Сорос неодамна тргуваа со акциите на Хербалајф, при што Акман загубил големо количество пари продавајќи ги нејзините акции, додека Сорос го зголемува својот влог во Хербалајф. Весникот „Њујорк пост“ пишува дека, по овие зделки, и обвинувањата изнесени од Акман, Комисијата за хартии од вредност разговарала со Пол Сон, менаџер во фондот на Сорос. Акман обвинува дека, на состанок со повеќе инвеститори во Њујорк, Сон ги известил дека Сорос сака значително да вложи во Хербалајф и е блиску до пет процентна сопственост врз компанијата, по што вредноста на акциите се зголемила, а Акман, кој се повлекувал од компанијата, се нашол во сериозна загуба. Според Акман, ова споделување на информации со инвеститори е прекршување на берзанските правила и влијаело врз цената на акциите, и тоа со цел да му нанесе штета на неговиот интерес. - Џорџ Сорос ја скрши Банката на Англија, ќе ја скрши и банката на Акман - рекол Сон на состанокот, пишува „Њујорк пост“, повикувајќи се на инвеститор кој бил присутен на состанокот. Изјавата се однесува на берзанската шпекулација со вредноста на британската фунта во 1992 година, со која Сорос заработи над милијарда фунти нанесувајќи и штета на Банката на Англија од над три милијарди.  
Слично

Поврзани вести