ЏОНСОН ПРЕДУПРЕДИ: Рускиот напад на нуклеарката е закана за цела Европа
Премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон денеска изјави дека руските сили мора веднаш да го запрат нападот на украинската нуклеарна централа во Запорожје и дека сега постапките на Путин се закана за безбедноста на цела Европа.
Џонсон разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски за ситуацијата во електраната во Запорожје, која се наоѓа на југоистокот на земјата, објави Ројтерс.
„Премиерот рече дека непромислените постапки на Путин сега можат да бидат директна закана за безбедноста на цела Европа“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.
Џонсон рече дека Велика Британија ќе направи се за да помогне ситуацијата да не се влошува, а двајцата лидери се согласија дека прекинот на непријателствата е клучна работа, заклучи Даунинг стрит.Украинските власти соопштија дека синоќешниот пожар во центарот за обука во нуклеарниот комплекс настанал по гранатирањето на руските сили и дека пожарот е изгаснат.
Од денеска во Чешка е вонредна состојба поради бегалците од Украина
Во Чешка од денеска стапува на сила вонредната состојба прогласена од владата поради големиот прилив на бегалци од Украина.
Вонредната состојба ќе трае 30 дена, а владата може да ја продолжи доколку е потребно, јавува Си-Ен-Ен.
Премиерот Петр Фијала претходно изјави дека вонредната состојба се воведува од чисто технички причини, со цел Чешка да се справи со приливот на бегалци и дека тоа нема да има влијание врз граѓаните на таа земја.
Претседателот на Австрија се надева на примирје во Украина
Австрискиот претседател Александар ван дер Белен се надева на примирје во Украина, но стравува дека ситуацијата во таа земја нема толку брзо да се смири.
„Убеден сум дека овој конфликт ќе го ставиме под контрола“, изјави Ван дер Белен за јавниот сервис ОРФ, додавајќи дека не се осмелил да го спомене временското ограничување.
Најважно е, посочува, војната да заврши, да се договори примирје и да почнат преговорите.
„Двете страни мора да бидат свесни дека секоја понатамошна ескалација мора да се спречи“, рече Ван дер Белен, истакнувајќи дека директната интервенција ќе претставува непроценлив ризик.
Тој ја истакна важноста од добра организација на земјите од ЕУ.
„Да немаше ЕУ, ќе имаше хаос“, нагласи Ван дер Белен.
Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин успеал во нешто што ЕУ долго време не успеала да го постигне, а тоа е брзата и решителна акција на Унијата.
„Тоа е неочекувана последица од оваа војна. Истото може да се каже и за НАТО“, рече тој.
Ван дер Белен рече дека не може да замисли дека ќе има напад на Украина и оцени дека руското население секако не ја поддржува оваа војна.
Ова, посочува, не само што убива луѓе и ја уништува државата, туку ја уништува и довербата на Западот и Русија.
„Ќе биде потребно долго време за да се врати таа доверба“, рече тој.
Ван дер Белен ја поздрави одлуката на владата да обезбеди поголем буџет за армијата. Во исто време, тој одби да се откаже од неутралноста на земјата. Кога станува збор за пристапувањето на Украина во ЕУ, тој смета дека тоа би било прерано.
„Преговорите за пристап се водат со години, а тоа нема да биде решено од петок до понеделник. Сега не е време за продлабочување на можниот пристап во ЕУ“, рече тој.
