Две милијарди дози на вакцини против Ковид-19 веќе се аплицирани во светот
Повеќе од две милијарди дози на вакцини против Ковид19 се испорачани ширум светот шест месеци по почетокот на првите кампањи за масовна имунизација во декември 2020 година.
Најмалку 2.109.696.022 дози се инјектирани во 215 земји и територии, според официјалните податоци собрани од АФП.
Шеесет проценти од нив биле примени од жители на трите земји со најголемо население - Кина (704,8 милиони), САД (296,9 милиони) и Индија (221 милиони).
Земјата со најголемо учество на вакцинирани лица од вкупното население е Израел, каде скоро шест од десет лица се целосно имунизирани.
Следи Канада со 59 проценти со најмалку една доза, Велика Британија со 58,3 проценти, Чиле со 56,6 и САД со 51 процент.
Во Европската унија се дадени 254,98 милиони дози на 39 проценти од вкупното население. Земјите со најголемо население се наоѓаат некаде на средина на европското рангирање: Германија со 43,6 проценти, Италија со 40 проценти, Франција и Шпанија со 39,4 проценти вакцинирани.
Само шест земји сè уште не започнале со вакцинација: четири африкански (Танзанија, Чад, Бурунди и Еритреја), една во Азија - Северна Кореја и една на Карибите - Хаити.
