Драстичен раст на барателите на азил во Германија – меѓу нив уште има Македонци
Раст од 61% забележа бројот на баратели на азил во Германија во периодот од јануари до мај годинава, во споредба со истиот период лани, покажаа податоците на германското Министерство за внатрешни работи објавени денеска. Во овој петмесечен период вкупно 62.602 апликации за азилантски статус стигнале до германските власти и тоа во време кога во Германија интензивно се дебатира за тоа како да се спречи имиграцискиот бран.
Ваквиот пораст се должи пред се на бегалците од Сирија чиј број е повеќе од дуплиран - од 4.035 за периодот јануари-мај лани на дури 10.046 за истиот период годинава.
Останатите земји на потекло се Србија, Авганистан, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Еритреја, Русија, Сомалија и Косово.
Трендот не покажува никакви знаци на намалување - само во мај забележан е раст од 49% на поднесените барања за азил во споредба со истиот месец минатата година, така што вкупно биле поднесени 12.457 барања.
Германските власти бараат начин да го решат проблемот со зголемениот број бегалци од Сирија, но дебатираат и за предлог-законот кој веќе се наоѓа во Парламентот на предлог на владејачкото мнозинство и со кој се предвидува Србија, Македонија и Босна и Херцеговина да бидат прогласени за „сигурни земји“ што ќе значи автоматско одбивање на барањата за азил поднесени од граѓани на овие земји.
Слично
