Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДРАМА ВО КИНА: лавини заробија 1.000 туристи - евакуацијата е попречена од длабок снег и тешки временски услови

ДРАМА ВО КИНА: лавини заробија 1.000 туристи - евакуацијата е попречена од длабок снег и тешки временски услови

Околу 1.000 туристи се заробени во оддалечен зимски центар откако лавини ја погодија северозападната кинеска провинција Ксинџијанг.

Ројтерс пренесува соопштение на кинеската државна телевизија дека снегот длабок до седум метри и тешките временски услови ја попречуваат евакуацијата.

Се наведува дека патот кој води до селото Хему, кое се наоѓа во близина на границите со Казахстан, Русија и Монголија, а каде туристите се заробени веќе неколку дена поради лавините во областа, е отсечен од цивилизацијата.

Селото се наоѓа во префектурата Алтај, каде врне снег веќе десет дена.


Поради обилните снежни врнежи, предизвикани се десетици лавини, кои паднаа на некои делови од автопатиштата на планините Алтај.

Кинеската државна телевизија објави дека во текот на изминатиот викенд некои од туристите биле евакуирани со хеликоптер.


Снегот што го донесоа лавините во некои делови достигна и до седум метри, а во многу делови беше поголем од опремата за чистење снег, соопшти CCTV.

Работата на чистење на затрупаниот пат долг 50 километри започна пред една недела.

Напорите за спасување и отстранување на снег беа отежнати од камења, остатоци и стебла од дрвја измешани во снегот, откинати додека лавините се движеа низ падините на боровата и брезовата шума кон долината на реката, што ги прави бескорисни ротационите машини за снег. Спасувачите посегнаа и по лопати и багери.

Со оглед на тоа што времето брзо се менува во планинската област, тесни беа и можностите за извршување мисии за снабдување. Воениот хеликоптер што требаше да испрати резерви - како брашно и гориво - до селото Хему, беше одложен за во вторник наутро, соопшти CCTV.


Фото: Принтскрин/Твитер

Слично

Поврзани вести