ДОЖИВОТЕН ИМУНИТЕТ НА КОРОНА ВИРУСОТ: Научниците со неверојатни откритија за оние кои ја прележале болеста и кои се вакцинирале
Важните имунолошки клетки преживуваат во коскената срцевина
кај луѓето кои биле заразени со вирусот или биле вакционирани против него, откриваат нови истражувања, објавени во списанието „Nature“ и на BioRxiv, веб-страница за
биолошки истражувања, пренесува The New York Times.
Имунитетот на коронавирусот трае најмалку една година, но можеби и цел живот, подобрувајќи се со текот на времето, особено по вакцинирањето, покажуваат две нови студии.
Овие откритија можат да помогнат во смирувањето на стравувањата дека заштитата од вирусот ќе биде краткотрајна. Студиите сугерираат дека на повеќето луѓе кои закрепнале од ковид-19 и кои подоцна биле имунизирани нема да им треба засилена заштита.
Вакцинираните лица кои никогаш не биле заразени, најверојатно ќе имаат потреба од дополнителни инјекции, како и помалиот број луѓе кои се заразени, но не развиле силен имунолошки одговор, пишува „Њујорк тајмс“.
Двете студии анализирале луѓе кои биле изложени на коронавирусот пред околу една година. Клетките кои ја задржуваат меморијата на вирусот преживуваат во коскената срцевина и можат да ослободат антитела кога и да е потребно, според студијата објавена минатиот понеделник во списанието „Nature“. Друга студија објавена на BioRxiv, открила дека овие таканаречени мемориски Б-клетки продолжуваат да созреваат и да зајакнуваат најмалку 12 месеци по првичната инфекција.
-Трудовите се во согласност со растечката литература која сугерира дека имунитетот предизвикан од инфекција и вакцинација против SARS-CoV-2 е долготраен“, посочил Скот Хенсли, имунолог од Универзитетот „Пенсилванија“, кој не бил вклучен во студијата.
Студиите го смируваат стравот од минливоста на имунитет на вирусот, како што е случајот со корона вирусите кои предизвикуваат настинка, но овие вируси значително се менуваат на секои неколку години, посочува д-р Хенсли, нагласувајќи дека причината зошто често се заразуваме со обични корона вируси во текот на животот може да има многу повеќе врска со варијациите на тие вируси, а не со имунитетот“.
Мемориските Б-клетки произведени како одговор на инфекцијата со вирусот SARS-CoV-2 и засилени со вакцинацијата се толку силни што спречуваат дури и соеви на вирусот, што значи дека нема потреба од ревакцинација, смета Мишел Нусенцвејг, имунолог на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк, лидер на студијата за созревање на меморијата.
– Луѓето кои биле заразени и вакцинирани навистина развиваат одличен одговор, одличен сет на антитела, бидејќи продолжуваат да ги развиваат своите антитела. Очекувам дека тоа ќе трае многу долго – изјавил д-р Нусенцвајг за „Њујорк тајмс“.
Резултатот можеби нема да се однесува на заштитата која потекнува само од вакцината, бидејќи имунолошката меморија по имунизацијата веројатно ќе биде поинаку организирана во споредба со онаа по природна инфекција. Ова значи дека на луѓето кои немале ковид-19 и кои се вакцинирани можеби сепак им е потребна дополнителна инјекција, рекол д-р Нусенцвајг: „Тоа ќе го дознаеме многу, многу брзо“.
Д-р Нусенцвајг и соработниците проучувале како мемориските Б-клетки созреваат со текот на времето. Истражувачите ја анализирале крвта на 63 луѓе што оздравеле од ковид-19 пред околу една година. Огромното мнозинство на учесници имале благи симптоми, а 26 исто така примале барем една доза од вакцините на „Модерна“ или „Фајзер“. Таканаречените неутрализирачки антитела, потребни за да се спречи повторна зараза со вирусот, останале непроменети помеѓу шест и 12 месеци, додека поврзаните, но помалку важни антитела полека исчезнувале.
Резултатите од студијата на д-р Нусенцвајг покажуваат дека луѓето што оздравеле од ковид-19 и кои биле вакцинирани подоцна, сепак ќе имаат исклучително високо ниво на заштита од новите соеви, дури и без дополнителна вакцинација.
