Доњецк и Луганск изгласаа независност
Речиси 90% од гласачите на вчерашниот референдум во Доњецк се изјасниле за независност и отцепување на овој регион од Украина. Точно 89% од гласачите кои излегле на референдумот гласале „за“, објави претставникот на изборната комисија Роман Љагин.
Во Луганск, пак, меѓу 94% и 98% од гласачите се изјасниле за отцепување од Украина.
Сепак, за официјален Киев референдумот е невалиден. Вршителот на должност претседател на Украина Олександр Турчинов го осуди вчерашниот референдум и го нарече нелегална фарса. Според него, тоа е фарса која ја инспирирала Русија за да ја дестабилизира Украина и да го урне раководството во Киев.
Москва, пак, соопшти дека „ја забележува високата активност на населението на референдумите во Доњецк и Луганск на Украина и со почит се однесува кон вољата на жителите на овие области“.
„Русија внимателно ги следи подготовките и спроведувањето на референдумите и напоменува дека високата активност на населението е важно, независно од обидите да има злоупотреби во гласањето. Осудуваме секаков вид на употреба на сила, вклучувајќи тешко вооружување против мирни граѓани, што доведува до човечки жртви“, се вели во официјалното соопштение од Кабинетот на рускиот претседател.
Над седум милиони жители на источна Украина беа повикани да гласаат за судбината на регионите Доњецк и Луганск.
Слично
