Дојава за бомба во авион на аеродромот „Тегел“ во Берлин
Патниците од авион на германската компанија „Луфтханза“ попладнево се евакуирани од авион на аеродромот „Тегел“ во Берлин, поради дојава за поставена бомба.
Се работи за авион од типот „Ербас А319“, кој во 16 часот требало да полета на линијата Берлин - Минхен. Поради дојавата за можен терористички напад, сите 128 патници се вратени во аеродромската зграда.
„Поради безбедносни закани летот на авиокомпанијата „Луфтханза“ на линијата Берлин-Минхен мораше да биде дополнително проверен од страна на аеродромските служби“ - вели портпаролот на аеродромот „Тегел“, Ларс Вагнер.
По проверката на авионот, летот е целосно откажан, но сообраќајот на другите летови на аеродромот тече нормално.
Пред два дена слична закана имаше и на аеродромот во Касел. Таму по дојава за поставена бомба во багажот беа евакуирани патниците на летот за Анталија.
