ДОЦНЕЛА 10 МИНУТИ ПОРАДИ МЕТЕЖ ВО СООБРАЌАЈОТ: Индијка ја избегна авионската несреќа
Жена од Индија доцнела 10 минути на кобниот лет, била одбиена од влезот, со што ја избегнала авионската несреќа која се случи вчера и во која само еден патник преживеа.
Буми Чаухан, патничка која требало да се качи на летот AI-171 на Ер Индија од Ахмедабад до Лондон, ја избегнала трагедијата.
Имено, таа го пропуштила летот само за десет минути поради сообраќајниот метеж на патот кон аеродромот, со што ја избегнала несреќата во која загинаа речиси сите 242 патници. Таа била во Индија на одмор, додека нејзиниот сопруг останал во Лондон.
Летот AI-171 на Ер Индија требало да полета од Ахмедабад, во индиската држава Гуџарат, кон аеродромот Гетвик во Лондон. Во четврток наутро, Чаухан се упатила кон аеродромот Сардар Валабхаи со намера да се качи на лет, но поради сообраќајниот метеж, доцна стигнала до портата за качување и не ѝ било дозволено да се качи.
Чаухан рекла дека „умот ѝ замрзнал“ откако дознала за инцидентот.
Боингот 787 Дримлајнер се урна само неколку минути по полетувањето во населениот дел од градот Мегани, а снимките од безбедносните камери покажуваат дека авионот ја губи контролата.
Вишваш Кумар Рамеш е единствениот кој ја преживеа несреќата. Види Чаудари, висок полициски службеник во Ахмедабад, рече дека Рамеш бил на седиштето 11А, веднаш до излезот за итни случаи, и „успеал да избега скокајќи низ вратата за итни случаи“.
