Добар ден, имате летечка пошта од Владата!
Обединетите Арапски Емирати имаат намера да употребат беспилотни летала за да им доставуваат официјални документи и пратки на граѓаните.
Идејата е дел од напорите за подобрување на владините услуги. Прототипот на авионот, кој ќе се користи за таа цел е широк околу половина метар, наликува на пеперутка и има кабина на горниот дел, каде можат да се стават мали пакети. Тој е има бела боја, го има знамето на Обединетите Арапски Емирати и се движи со четири пропелери.
Министерот за владини прашања Мохамед ал Гергави вели дека издржливоста на леталото ќе биде тестирана во Дубаи во следните шест месеци, пред да се воведе во целосна употреба најдоцна за една година.
Според локалниот инжинер Абдулрахман Алсеркал, кој е главен архитект на планот, за заштита на авионите и нивниот товар ќе се користат отпечатоци од прсти и системи за препознавање на мрежницата на окото.
Беспилотното летало најпрвин ќе доставува документи за идентификација, лични карти и сообраќајни дозволи.
Обединетите Арапски Емирати се богата заливска држава и познати се по вложување во скапи ефектни проекти и високи технологии. Предлозите за искористување на беспилотни летала во цивилни цели не се новост, но досега пречка беше безбедноста на пратките и техничките прашања. Освен ова, Емиратите се соочуваат и со специфични временски прилики - огромни жештини и песочни бури, кои можат да ја отежнат замислата на властите.
Слично
