ДИРЕКТОРОТ НА ЦИА ПРЕДУПРЕДУВА: Русија е влијателна, но Кина е многу поопасна за САД
Кинеските напори да се врши прикриено влијание на Западот е загрижувачко како и руската субверзија, оценил директорот на ЦИА Мајк Помпео.
Тој, во изјава за БиБиСи, рекол дека Кинезите имаат многу повеќе можности да вршат такво влијание од Русија.
Помпео исто така вели дека очекува Русија да се обиде да влијае на изборите за американскиот Конгрес оваа есен. Американските разузнавачки агенции сметаат дека Москва се мешала во претседателските избори на САД во 2016 година.
„Размислете за големината на тие две економии. Кинезите имаат многу поголем простор за своја мисија отколку што имаат Русите“, рекол Помпео.
БиБиСи потсетува дека во почетокот на годината еден поранешен службеник на ЦИА е уапсен во врска со распадот на мрежа американски шпиуни во Кина. Во две години пред апсењето на Џери Чун Шинг Лиј, околу 20 американски информатори во Кина се убиени или уапсени, што е еден од најлошите неуспеси на ЦИА во последните години.
Помпео вели дека западните земји заеднички можеле да направат повеќе во борба против кинеските напори да вршат влијание на нив.
