ДИЈАМАНТИТЕ И НАКИТОТ МУ ГИ НАШЛЕ ВО СТРАНСТВО И ГИ ВРАТИЛЕ НА ДРЖАВАТА - на внукот на Назарбаев запленет имот од 230 милиони долари
Казахстанската антикорупциска агенција денеска извести за заплена на дијаманти и накит во вредност од повеќе од 230 милиони долари, како дел од аферата во која е вмешан внукот на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев.
„За време на операцијата за пребарување во странство, запленети се дијаманти и накит во вредност од над 230 милиони долари и вратени на државата“, се вели во соопштението на агенцијата.
Накитот е запленет како дел од новата истрага против бизнисменот Кајрат Сатибалди - внук на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев, кој беше на власт 30 години, до 2019 година - додаде агенцијата за борба против корупцијата за АФП.
Првиот уапсен член на семејството Назарбаев
Сатибалди, уапсен во март и обвинет за злоупотреба на пари од Казахстантелеком - државниот телекомуникациски оператор - и „други злосторства против државната безбедност“, е првиот член на семејството Назарбаев што е уапсен. Во септември тој беше осуден на шест години затвор.
Според антикорупциската агенција, „300-те милиони долари што Сатибалди ги инвестирал во странски обврзници ќе бидат уплатени во буџетот на Казахстан“, голема централноазиска земја богата со нафта и гас.
Го врати старото име на главниот град
Минатиот јануари во протестите животот го загубија повеќе од 230 луѓе. Актуелниот претседател Касим-Жомарт Токајев оцени дека биле поттикнати од странски „терористи“ кои сакале да ја преземат власта во земјата, но за тоа никогаш не презентирал докази.
Токаев, кандидат за реизбор на 20 ноември, оттогаш се обидува да ја зајакне својата позиција и да ја ослабне позицијата на неговиот авторитарен претходник.
Главниот град Астана, кој беше преименуван во чест на Назарбаев, во септември повторно го доби своето старо име.
Фото: ЕПА
