Девет збора кои „Фејсбук“ ни ги измисли во изминатата деценија
Пред точно десет години е формирана социјалната мрежа „Фејсбук“. Досега има фасцинантни 1,23 милијарди корисници, што е идентично со бројот на жителите на втората најнаселена земја во светот Индија.
Заедно со „Википедија“ и „Скајп“, „Фејсбук“ е еден од најдобрите примери за тоа како интернет мрежата овозможува новите иновации да предизвикаат значајни промени во општественото живеење.
„Ќе те те ’тагнам’ на оваа ужасна слика“ - ако му го кажевте ова некому пред 10 години веројатно ништо немаше да ве разбере. Денес, ова е вообичаен говор на корисниците на социјалните мрежи. Вака Фејсбук го промени начинот на кој комуницираме. За 10 години, колк,у што постои мрежата, таа воведе повеќе термини и фрази во модерниот говор, дури и на македонскиот јазик.
„Френд“
Додека Фејсбук не се појави, зборот „френд“ никој не го користеше како глагол со значење „повикај за пријател“. Сега воопшто не е чудно да побарате од нов познаник да ви го каже целото име со кое можете да го додадете за „френд“ на социјалната мрежа.
„Анфренд“
Со додавање на „анфренд“ опцијата „Фејсбук“ создаде нов поим во пријателството и релациите. Многу е полесно за некого да стиснете „анфренд“ отколку да му кажете дека не сакате веќе да бидете пријател со него затоа што ви оди на нерви.
„Промена на статус“
Пред повеќе години, статус беше мерка за социјалната или професионалната позиција. Тогаш „Фејсбук“ започна да бара од своите корисници да откријат, што прават, што размислуваат и како се чувствуваат. И така „промена на статус“ или „статус апдејт“ стана многу повеќе.
„Лајк“
Веројатно најдебатираната опција на Фејсбук, копчето „Лајк“ за првпат беше воведено во 2009 година. Одеднаш со само еден клик можете да покажете дека ви се допаѓа она што на социјалната мрежа го споделуваат вашите пријатели. Многумина без успех бараат „Фејсбук“ да воведе и копче „дислајк“ кое ќе ја овозможи спротивната опција, но тоа до сега не се случило. Симболот на копчето „лајк“ - подигнат палец за одобрување, беше искористено и во други кампањи. „Лајк“ освен глагол стана и именка, па така сега е сосема вообичаено да се пофалите - „Мојата слика доби 133 лајка!“.
„Поук“
И денес никој со сигурност не може да ви објасни што значи оваа опција на „Фејсбук“. Дури и основачот на социјалната мрежа Марк Цукерберг самиот во една прилика призна: „Мислевме дека ќе биде супер да има една опција без никаква посебна цел“. Некои на „поук“ гледаа како на покана за поинтензивна комуникација. Во секој случај „поук“ и натаму не може да се преведе со друг збор. За чудо, оваа можност се уште е активна на „Фејсбук“ иако ретко се користи.
„Шер“ (Сподели)
Опцијата „шер“ или „сподели“ ги направи сите корисници на „Фејсбук“ споделувачи на своите приватни информации со останатите. Ниту еден настан не е вреден за паметење, ако не сте го „шернале“ на „Фејсбук“, каде што ќе го видат сите.
„Ѕид“
Идејата за дигитален „ѕид“ Фејсбук ја воведе со охрабрување до корисниците да „напишат нешто на ѕидот“. Тоа звучеше како покана да се направи нешто незаконски, како повик да се напишат графити. Во 2011-та „Фејсбук“ го замени „ѕидот“ со актуелниот „тајмлајн формат“, кој хронолошки ги прикажува сите статусни измени.
„Комплицирано е“
Овој чуден одговор на прашањето „Дали сте во врска?“ може да се примени на секој тип на романтична врска меѓу „сингл“ и „во брак“ и е далеку поинтересен од овие две опции. Тоа стана многу вообичаен одговор на прашањето „Како е вашиот љубовен живот?“, па стана дури и инспирација за романтични комедии.
„Таг“ (Означи)
Таг е новиот начин на кој можете да ги натерате луѓето да го забележат она што го споделувате или да засрамите некого, означувајќи го на некоја лоша фотографија. Да „тагнете“ некого денес може да биде најефикасниот начин да го изнервирате.
Во почетокот за да станете член на „Фејсбук“ мораше да бидете студент на еден од најелитните американски универзитети - Харвард. Но, набрзо мрежата се прошири и на другите универзитети во САД, за потоа да излезе од универзитетските рамки и да се рашири низ целиот свет.
Според многумина, токму ова почетна ексклузивност во голема мерка приднесе за популарноста на сајтот, бидејќи многу корисници во почетокот едноставно само сакале да бидат дел од „ексклузивниот клуб“ заедно со студентите на Харвард.
Пред да почне да котира на берзата експертите шпекулираа со вредноста на компанијата „Фејсбук“, но откога нејзините акции почнаа да се продаваат со берзанските трансакции, се шпекулира околу тоа до кога ќе расте нејзината вредноста. За три месеци од почетокот на котирањето на берзата, заклучно со 31 декември 2013 година, „Фејсбук“ оствари приходи од 2,59 милијарди долари, што е за 63 проценти повеќе во однос на истиот период во предходната година.
Слично
