Економија, финансии, бизнис

Контакт

Девет фармацевтски компании се заколнаа со свој потпис: Ќе ги почитуваат научните критериуми за вакцината против Ковид-19

Девет фармацевтски компании се заколнаа со свој потпис: Ќе ги почитуваат научните критериуми за вакцината против Ковид-19

Директорите на девет компании кои развиваат вакцини против Ковид-19, денеска се заложија да ги почитуваат највисоките научни критериуми како одговор на загриженоста во САД во врска со можниот притисок од страна на претседателот Доналд Трамп да ја одобри вакцината пред изборите во ноември.

-Ние, потпишаните биофармацевтски компании, сакаме да ја повториме нашата постојана посветеност за развој и тестирање на потенцијални вакцини против Ковид-19 во согласност со високите етички стандарди и ригорозните научни принципи, се вели во заедничката изјава потпишана од извршните директори на „AstraZeneka“, BioNTech, GlaxoSmithKline, Johnson & Johnson, Merck Sharp & Dohme, Moderna, Novavax, Pfizer и Sanofi.

Компаниите специјално се обврзаа да аплицираат за одобрување или итно одобрување само откако ќе се докаже дека вакцината е безбедна и ефикасна во третата фаза на клиничко испитување, развиена и спроведена за да ги исполни барањата утврдени од регулаторите како што е ФДА, односно американската агенција за лекови.

Токму ФДА е таа што предизвикува загриженост кај експертите и поранешните американски здравствени службеници, откако, и покрај недоволните докази, одобри два третмани против Ковид-19, хидроксихлорокин (одобрувањето последователно беше повлечено) и крвна плазма од оздравени пациенти, и двата третмани кои беа промовирани од страна на Трамп. Кандидатот на демократите на претседателските избори во САД, Џо Бајден, го обвинуваше Трамп за „поткопување на јавната доверба“ со редовно спомнување на можноста да се најде вакцина пред претседателските избори на 3 ноември.

Директорот на ФДА гарантира научен процес за проценка на ефективноста на вакцината. Во Соединетите држави, независни комитети на експерти ги следат клиничките испитувања кои се во напредна фаза  за вакцините од компаниите Модерна и Фајзер, што здравствените власти сакаат да ги дистрибуираат до 1 ноември.

-Резултатите од клиничките испитувања треба да бидат познати во последните два месеци од оваа година, изјави директорот на Националниот институт за инфективни болести, Ентони Фаучи.

-Многу е малку веројатно, но не и невозможно, тестовите да дадат резултати пред изборите, потврди Монсеф Слауи, шефот за контрола на производство на вакцини од Белата Куќа.


Слично

Поврзани вести