Детектирани пациенти кои истовремено се заразени со два соја на коронавирусот
Научници во Бразил открија пациенти кои истовремено се заразени со два соја на коронавирусот.
Двајцата пациенти се на возраст од триесеттина година, а заразени се кон крајот на ноември со сојот P.2, идентификуван во Рио де Жанеиро, додека се тестирани позитивни и на друга мутација на SARS-CoV-2. Пациентите имале благи симптоми на болеста како сува кашлица кај едниот пациент и кашлица, болка во грлото и главоболка кај другиот, на ниту еден од нив не му било потребно болничко лекување, oбјави Ројтерс.
Научниците велат дека нивната студија е прва во светот која потврдила истовремена инфекција со двата соја. Откритието е објавено на медицинскиот сајт medRxiv, а студијата треба да мине низ процес на рецензии и да биде објавена во научно списание.
