ДЕТАЛНО ЗА НОВИТЕ МЕРКИ ШИРУМ ЕВРОПА: Доаѓа уште една „бура“-земјите најавија ограничувања за божикните празници
Омикрон за краток временски период стана доминантен вид на корона вирусот во Европа, заради што властите во многу земји одлучија повторно да воведат одредени ограничувања,
со цел барем да го забават ширењето на вирусот.
Зголемувањето на бројот на заразени со оваа варијанта ќе ги доведе здравствените системи до работ на колапс, предупреди Ханс Клуге, највисокиот функционер на Светската здравствена организација за Европа. Клуге истакна дека доаѓа уште една „бура“ и дека владите треба да се подготват за значително зголемување на бројот на заразени во наредниот период.
Новата мутација е веќе доминантна во многу европски земји. Германија и Португалија се меѓу земјите што најавуваат божикни ограничувања и зголемени мерки на социјално дистанцирање.
Германија најави дека мерките за ограничување на приватните собири на 10 лица ќе бидат вратени од 28 декември, а ноќните клубови ќе бидат затворени. Фудбалските натпревари од тој датум исто така ќе се играат зад затворени врати.
„Коронавирусот не прави божиќна пауза“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц во вторникот. „Не можеме и не смееме да ги затвориме очите пред следниот бран, кој почнува да лебди над нас“, додаде тој.
Португалија нареди баровите и ноќните клубови да се затворат од 26 декември, а работата од дома е задолжителна од тој датум до 9 јануари. Собирите на отворено ќе бидат ограничени на 10 лица.
Баровите и рестораните во Финска ќе мора да бидат затворени во 22 часот на 24 декември, бидејќи нордиската нација бележи рекорден број на заразени луѓе. Вкупно три недели од 28 декември, рестораните ќе мора да затвораат во 18 часот со ограничен број седишта. Патниците кои доаѓаат од Шенген зоната на ЕУ ќе мора да покажат негативен тест за ковид.
Исландската влада, исто така, најави дека ќе ги зајакне мерките против ширењето на коронавирусот. Од четврток наместо досегашните 50 ќе може да се соберат најмногу 20 лица, а повторно ќе се воведе мерката физичко растојание од два метри.
Рестораните и баровите се затвораат во 22 часот, фитнес центрите и базените можат да работат со половина капацитет. Новите правила ќе бидат на сила во следните три недели.
Франција ги отфрли новите ограничувања во вторникот, но владиниот портпарол Габриел Атал најави дека санитарната карта ќе биде заменета со пропусница за Ковид од јануари, која ќе биде достапна само доколку лицето е вакцинирано.
Главната цел на сертификатот за вакцинација е да се препознае само имунизација, а не повеќе негативен тест. Многу прашања поврзани со оваа варијанта се уште не се одговорени, но познато е дека таа стана доминантна во неколку европски земји, меѓу кои Данска, Португалија и Британија, каде што бројката секојдневно се удвојува.
Во Велика Британија, министерот за здравство Саџид Џавид најави дека лицата заразени со Ковид во Англија ќе можат да го прекинат карантинот по седум дена, наместо 10, доколку тестот биде негативен шестиот и седмиот ден. Премиерот Борис Џонсон претходно отфрли какви било нови ограничувања пред Божиќ, ноШкотска, Велс и Северна Ирска најавија ограничувања на контактите. Во Шведска, баровите, кафулињата и рестораните ќе можат да примат ограничен број гости, а од луѓето се бара да работат од дома доколку е можно.
Министерката за здравство Лена Халенгрен рече дека очекува зголемување на бројот на случаи заразени со омикрон и предупреди дека „оптоварувањето на здравствениот систем се зголемува“. Холандија веќе воведе ограничувања, најавувајќи строго затворање во понеделник.
