ДЕТАЛИ ЗА НЕНАДЕЈНАТА СРЕДБА ВО КИЕВ - Џонсон: Украинците го прават подвигот на 21 век
Украина е подготвена за тешка битка со руските сили кои се собираат на истокот од земјата, изјави претседателот Володимир Зеленски, кому во ненадејна посета му дојде британскиот премиер Борис Џонсон за да понуди нова финансиска и воена помош.
Џонсон е последниот во низата странски лидери што го посети Киев откако руските сили се повлекоа од областа северно од главниот град пред нешто повеќе од една недела. Неговата посета не беше најавена претходно.
„Денеска се сретнав со мојот пријател, претседателот Зеленски, во Киев за да ја покажеме нашата непоколеблива поддршка за украинскиот народ“, напиша Борис Џонсон на Твитер по средбата.
„Најголемиот подвиг на 21 век“
Тој вети дека ќе испрати оклопни возила и противбродски проектили во Украина. Џонсон и оддаде почит на украинската војска за „најголемиот подвиг на 21 век“, кој овозможи пораз на „монструозните намери на Путин“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.
„Оваа посета е израз на силна, и континуирана британска поддршка за Украина. Ние ја цениме и секогаш ќе ја паметиме“, рече Зеленски во изјавата.
Украинскиот лидер претходно во текот на денот разговараше со австрискиот канцелар Карл Нехамер во Киев. Тој на заедничка прес-конференција предупреди дека иако воената закана за Киев е намалена, таа расте на истокот на земјата.
„Руските сили се собираат во источна Украина“, рече Зеленски. „Ова ќе биде тешка битка, но ние веруваме во оваа борба и во нашата победа. Подготвени сме да се бориме во исто време и да бараме дипломатски начини кои ќе ни овозможат да ставиме крај на оваа војна“, додаде тој.
Извор и фото: Индекс.хр