Демократско „НЕ“ на Исланд за членство во ЕУ
Исланд се откажа од влезот во Европската унија. Исландскиот министер за надворешни работи Гунар Браги Свенсон ваквата одлука им ја соопштил на официјални лица во Европската комисија за време на посета на Брисел.
„Ова е начин на којшто делува демократијата“ рече Свеинсон кој истакна дека двете партии коишто ја сочинуваат новата исландска влада се договориле да се откажат од преговорите со ЕУ, а граѓаните ги поддржале.
„Главната причина на ова патување беше да и кажам на Европската комисија дека новата влада на Исланд одлучи да ги суспендира преговорите. Исланд е дел од Европа и сакаме да ги зајакнеме односите со европските држави на други начини“, рече Свеинсон, пренесува ЕУобсервер.
Европскиот комесар за проширување Штефан Филе на новинарите во Брисел им рече дека не е лесно да се прифати ваквата одлука на Исланд и дека тоа го доживеал како личен удар.
„Но, јас исто така сум и професионалец и ја почитувам волјата на граѓаните и на нивните избрани претставници. Лично сметам дека преговорите со Исланд требаше да продолжат и понатаму сме потполно посветени на тоа и сакаме да заврши тој процес“, рече Филе.
Исланд преговорите со ЕУ ги започна во 2010 година за време на поранешната социјалдемократска влада. Поранешната власт тврдеше дека со влегувањето на Исланд во ЕУ ќе се зајакне економската позиција на Исланд.
Меѓутоа, изборите одржани во април донесоа промена на власта, а влада составија Независната партија и Прогресивната партија, партии на десниот центар коишто се противат на членството на Исланд во ЕУ.
Анкетите покажуваат дека само 25 отсто од граѓаните на Исланд го поддржува влезот на земјата во ЕУ. Владата поради ова одлучила да ги прекине преговорите, иако Исланд веќе затвори третина од вкупно 33 преговарачки поглавја.
Слично
