ДЕМОГРАФИЈА ВО ЕВРОПА: Кои земји најмногу страдаат од „бела чума“?
Прва на оваа „црна“ листа е Литванија со -11,3% демографски пад, втора е Латвија со -8,7% пад, трета е Хрватска со -8,2%, а четврта е Бугарија со -6,7% на 1.000 жители.
Понатаму следат Грција со -6% и Романија со -5,6%. На спротивна страна се Луксембург со + 23.3%, Австрија со + 14,4%, Германија + 11,8%, Малта + 11,7%, Шведска + 10,6%, Данска + 8,4% и Белгија +7,2%. Генерално населението на ЕУ во 2015 година е зголемено во 17 и е намалено во 11 земји-членки.
Ова го покажува извештајот на статистичката агенција на заедницата Еуростат. Извештајот го опфаќа периодот од јануари 2015 до јануари 2016 година.
Германија, Франција и Велика Британија се земјите со најмногу население. Германското население и натаму е најбројно со неговите 16,1% од населението на ЕУ (или 82,2 милиони.). Следат Франција со 13,1% (или 66,7 милиони.), Велика Британија 12,8% (65,3 милиони.), Италија учествува со 11,9% во населението во ЕУ (60,7 милиони). Над половина од населението на ЕУ живее во овие четири држави. Следат исто Шпанија со 9,1% и Полска 7,4%. Во девет од останатите земји членки живеат меѓу 4% и 1,5% од населението на ЕУ, а во 11 држави под 1,5%.
На 1 јануари 2016 година населението на ЕУ брои 510,1 милиони луѓе. На истиот датум година порано тоа било 508,3 милиони. Во 2015 година се родиле 5,1 милиони деца, но починатите се повеќе - 5,2 милиони лица.
Фактички ЕУ за првпат регистрира демографски пад. Сепак, демографската рамнотежа останува поради миграцијата, констатирано е во извештајот.
