ДЕЛТА СОЈОТ ЌЕ ОПФАТИ 90 ПРОЦЕНТИ ОД СЛУЧАИТЕ ДО КРАЈОТ НА АВГУСТ: Потребни се две дози од вакцината, алармира ЕМА
Потребни се две дози од вакцината против
Ковид-19 за да се постигне заштита од делтата варијанта на корона вирусот, објави Европската агенција за
лекови (ЕМА).
Европскиот регулатор исто така ги повика земјите-членки на ЕУ да ги забрзаат програмите за вакцинација, додека многу заразната варијанта на делта забрзано се шири низ целиот свет.
-Според прелиминарните податоци, потребни се две дози од вакцината против ковид-19 за соодветна заштита од варијантата делта. Почитувањето на препорачаниот распоред за вакцинација е клучно за постигнување на највисоко ниво на заштита, соопшти ЕМА, која препорачува употреба на две дози на Фајзер/БиоНТек, Модерна и АстраЗенека.
Делта варијантата на корона вирусот, откриена во Индија, ќе опфати 90 проценти од случаите со ковид-19 до крајот на август, се вели во соопштението на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (EЦДЦ).
Според податоците на ЕЦДЦ во десет земји на Европската унија, близу 30 проценти или повеќе од луѓето над 80 години сè уште не ја примиле препорачаната вакцина.
