ДЕЦАТА ПОСЛЕДНИ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ: СЗО со ваква препорака до земјите
Светската
здравствена организација смета дека најмладите треба да бидат последни во
ланесот на имунизација против Ковид-19, односно тие треба да ја добијат
вакцината откако ќе заврши имунизацијата на постарите лица и ризичните групи во
сите земји, бидејќи најмладите имаат најмал ризик.
– Би сакале да повториме дека приоритет треба да биде сите земји да добијат вакцина за високо ризични групи пред да се вакцинираат оние кои имаат многу помал ризик од зараза, вели Кејт О’Брајан, директор на одделот за имунизација и вакцинација на СЗО.
Овој апел на СЗО следи откако дел од земјите најавија вакцинација и на нивната најмлада популација. Канада, на пример уште во средата ја одобри вакцината на Фајзер/БионТек за тинејџерите од 12 до 17 години, а вчера Германија најави дека до крајот на август ќе им ја понуди оваа вакцина на сите над 12 години.
СЗО смета дека проширувањето на кампањата за вакцинација со помладата популација во дел од земјите, односно во побогатите земји, може да предизвика и да доведе до нееднаковст во распределбата на вакцини.
– Откако вакцините ќе бидат дистрибуирани на соодветен и правичен начин, така што секоја земја ќе добие доволно вакцини за приоритетните групи, ние силно ќе го поздравиме давањето вакцини на помладите генерации, рече О’Брајан.
Шефот на СЗО Тедрос Гебрејесус вчера ги повика богатите земји-членки на Г7 да дадат апсолутен приоритет на еднаквиот пристап до вакцините, нагласувајќи дека сегашната состојба е „неприфатлива“.
– Најважното нешто што сега ни треба се вакцините и рамноправност во вакцинацијата, изјави Тедрос, кој истовремено истакна дека повеќе од 80 проценти вкупниот број произведени вакцини завршија во побогатите земји, додека најсиромашните добиле само 0,3 проценти, а според податоците пандемијата зема 100.000 животи неделно и тоа најмногу во сиромашните земји.
