Дали замрзнатите руски имоти ќе се потрошат за обнова на Украина?
Eвропската Унија(ЕУ) замрзнала руски имот вреден 17 милијарди евра.
Ова се случи откако Москва ја нападна Украина во февруари. Податокот го соопшти еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс.
„Досега имотот на 90 лица е замрзнат, повеќе од 17 милијарди евра во седум земји-членки, од кои 2,2 милијарди евра во Германија“, изјави тој за медиумската групација на весници „Функе“.
Украинските власти бараат средствата да се искористат за обнова на нивната земја по војната.
„Ако се работи за криминални пари конфискувани од ЕУ, можно е да се префрлат во компензациски фонд за Украина“, рече Рејндерс.
Но, штетите во Украина се многу поголеми. Русите уништија над третина од електричната инфраструктура во Украина.„Речиси четири милиони луѓе се погодени од прекините на електричната енергија наметнати по неодамнешните руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Инвазијата почна на 24 февруари годинава. Европа веќе вети дека ќе помогне за обнова на Украина.
