Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали војната во Украина ни поттикна емпатија или „навивање“?

Дали војната во Украина ни поттикна емпатија или „навивање“?

Поддршка за Украина, но и за Русија. Вакви коментари има на социјалните мрежи откако почна руската инвазија на Украина при крајот на февруари годинава.

Кај граѓаните има емпатија, сочувство со траорните настани кои се случуваат во завојуваните подрачја, но дел сепак ги релативизираат злосторствата и се повикуваат на други воени конфликти кои се случувале во светот. 

„Кај нас има граѓани кои се разочарани од европските земји и САД и го поддржуваат источниот блок, но агресија не треба да се правда. Има луѓе кои имаат психо – социопатски карактеристики и се „хранат“ со агресијата и ја одобруваат. Секој граѓанин пред да напише збор, или реченица треба добро да размисли, посебно ако се работи за јавни личности, и не треба да се дава лош пример за младите, и воедно секој да се држи до своите компетенции и за тоа да говори и коментира“, вели психијатарот Симеон Могилевски.

Тој објаснува дека поради пандемијата и инфлацијата, граѓаните се соочуваат со проблеми, напнати се, помалку се дружат, а со тоа се намалува и емпатијата кон другите.

Социологот Татјана Филиповска вели дека македонските граѓани се фрустрирани од состојбите во државата и затоа војната во Украина им е дефокус.

„Откако почна војната верувајте јас не сакам да следам што се случува, и едноставно не можам да сфатам дека во 21 век со оружје се уништуваат домови, се убиваат луѓе. Мислам дека луѓето во земјава се незадоволни од состојбите кај нас, и затоа се принудно фрустрирани, негативни, полни со агресија. Војната во Украина им е дефокус за да побегнат од проблемите кои ние ги имаме. Таа агресија доаѓа или од семејството или од незадоволството како функционира државата, нашето општество“, додава социологот Филиповска.

Нашите соговорници велат дека од војната никој не добива, туку колективно доаѓа до штети за кои ќе треба напори и време да се надоместат. Додаваат дека во земјава има демократија, но сепак секој треба да внимава и да биде поумерен во однос на изразувањето.

Полицијата претходно информираше дека одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства е кривично дело предвидено во членот 407-а од Кривичниот законик. Пријави веќе има. 

„До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика се пристигнати 25 пријави во врска со оваа тема, од кои за 2 пријави се испратени известувања до надлежното ОЈО Скопје со цел добивање на насоки за понатамошно постапување“, одговараат од МВР.

Законот предвидува дека тој што по пат на информационен систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и оправдува ваквите дела ќе се казни со затвор од една до пет години.

Сања Атанасовска

foto EPA/STR

Слично

Поврзани вести