ДАЛИ УКРАИНА МОЖЕ ДА НАПРАВИ ПРОБИВ: Што ќе донесе преминувањето на реката Дњепар?
Украинските сили се зацврстиле на левиот брег на реката Дњепар. Информацијата ја потврдија и Украина и Русија.
„Вооружените сили на Украина воспоставија мост на левиот брег на Дњепар“, изјави советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак за американски тинк-тенк.
Експертите со седиште во САД претходно изјавија дека е постигнат маргинален напредок во селото Кринки, 2 километри во внатрешноста на реката и 30 километри од градот Херсон, кој украинските сили го вратија под контрола пред една година.
Според „Волстрит џорнал“, за да го направат тоа, мали групи маринци ноќе го преминуваат Дњепар, каде што успеале да создадат три силни точки и „да го отсечат патот што Русија го користи за снабдување со војници во областа“.
Украинските сили успеаја да пренесат оклопни теренци HMMWV и најмалку едно пешадиско борбено возило на левиот брег на Дњепар.
Во вторникот, претседателот Володимир Зеленски рече дека борбите ескалирале на исток во близина на градот Авдиивка. Тој, сепак, додаде дека руските сили „губат луѓе и опрема“ обидувајќи се да го освојат уништениот град. Руската инвазија на Украина почна лани на 24 февруари.
foto printskrin Twitter
