Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали малезискиот авион можел да лета со часови надвор од радарот?

Дали малезискиот авион можел да лета со часови надвор од радарот?
Американски експерти во тајните служби ја испитуваат можноста исчезнатиот авион Боинг 777-200 на Малезија Ерлајнс со 239 патници и членови на екипажот да летал уште најмалку 4 часа откако се изгубил од радарите. Според информации на весникот „Вол Стрит Журнал“, неможноста да се пронајде авионот ги натерала американските истражни органи да ја проверуваат и оваа варијанта, според која пилотот или некој друг во авионот можел рачно да ги исклучи сите емитери на сигнали што овозможуваат радарите да го регистрираат леталото. Весникот пишува дека моторите на авионот автоматски испраќале сигнали кои се забележани при рутинска проверка на податоците, а вакви сигнали наводно стигнале и од летот со број МХ370. Ако малезискиот Боинг навистина летал уште четири часа, тогаш минал околу 4000 километри и можно е да стигнал дури до пакистанската граница, пишува „Вол Стрит Журнал“. Сепак, малезиските воздухопловни власти побрзаа да ја отфрлат ваквата можност, која внесува дополнителна конфузија во потрагата по авионот. Малезискиот министер за транспорт Хишамудин Хусеин изјави дека информациите оти авионот би можел да лета со часови, а да не биде регистриран од радарите, едноставно не се точни. Потрагата на малезиските власти и натаму е фокусирана на Јужното Кинеско Море. Речиси сите морнарици во југоисточна Азија, како и повеќе други земји во светот, трагаат по исчезнатиот авион на летот од Куала Лумпур до Пекинг, на кој пред речиси шест дена му се изгуби секаква трага. Помош денеска понуди и американската вселенска агенција НАСА. Потрагата за сега не дава никакви резултати, а информациите со кои се шпекулира се крајно контрадикторни, што само уште повеќе ја зголеми неизвесноста на семејствата на патниците. Авиокомпанијата „Малезија ерлајнс“ денеска објави дека во знак на почит кон исчезнатите патници и екипаж целосно ќе ги укине кодовите МХ370 и МХ371 за летовите Куала Лумпур-Пекинг и обратно, а ќе ги замени со нови.
Слично

Поврзани вести