Дали камионот кој експлодираше на Кримскиот мост бил во Бугарија?
Камионот разнесен на мостот на Крим никогаш не бил на територијата на Бугарија, потврди бугарската влада.
„Несомнено е утврдено дека камионот што се разнесе на мостот на Крим никогаш не бил на територијата на Република Бугарија, која беше посочена како појдовна точка за неговата траса“, објави владината прес-служба, пренесува агенцијата БГНЕС.
Руските медиуми пишуваат дека камионот што експлодираше на 8 октомври превезувал полиетиленски филм. На територијата на Бугарија, од друга земја членка на ЕУ, во контејнер со уредни документи под транзитен режим е внесена стока со слични карактеристики.
За време на престојот на предметната стока во Бугарија, таа била под царински надзор и ја напуштила државата во истиот контејнер преку пристаништето Бургас на 17 септември во правец на друга земја, не во Русија.
Експлозијата на мостот Керч се случи во саботата наутро, при што тројца луѓе загинаа. Русија го свика советот за безбедност, но и се одмазди на Украина, каде два дена по ред има напади и загинаа 19 цивили, а над 60 се ранети. Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михајло Подољак прво објави дека ова е почеток, и дека она што е украдено од Украина ќе биде вратено, а потоа во текот на денот се дистанцираше и кажа дека прашањата за експлозијата треба да се бараат во Русија.
