Дали француски авион го нарушил воздушниот простор на Нигер?
Воената хунта тврди дека француски авион го нарушил воздушниот простор на Нигер, a Французите демантираат.
Франција денеска остро ги отфрли обвинувањата на воениот режим на Нигер дека француските сили го нарушиле воздушниот простор на оваа западноафриканска земја каде што изби пучот и дека „ослободиле терористи“, односно ослободиле исламски екстремисти од затвор.
„Летот утринава беше одобрен и координиран со нигериската војска“, изјави за AFP извор од француската влада и вели дека француските сили не ослободиле ниту еден терорист.
Претходно пучистите во Нигер објавија дека „француските сили полетале“ денеска од Нџамен во Чад „со воен авион во 6:01 часот по локално време“ и дека овој авион „намерно го прекинал секој контакт со контролата на летање“ на влезот во воздушниот простор на Нигер „од 6:39 часот до 11.15 часот по локално време“.
Националниот совет за заштита на татковината – како што се нарекуваат пучистите – го обвини Париз за „еднострано ослободување терористички затвореници“, користејќи го зборот „терорист“ за вооружени џихадисти.
Субсахарскиот регион Сахел, во кој се наоѓа Нигер, долго време е зафатен од активностите на исламските екстремистички групи како Ал Каеда и Исламската држава.
Откако воениот удар дојде на власт во Нигер, договорите за воена соработка на земјата со Франција се суспендирани.
Франција има 1.500 војници во Нигер за борба против џихадистите. Таа има бази во неколку соседни земји.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговараше со сменетиот претседател Мохамед Базума, повторувајќи го повикот до пучистите веднаш да го ослободат.
„По минатонеделниот ненадеен пуч во Нигер, руската воена група Вагнер го користи хаосот и антифранцуското расположение“, вели новинарот Гаре Амаду во Нијамеј, додека обичните Нигерци се подготвуваат за најлошото, пренесува Гардијан.
Поддршката на Русија во Нигер е ограничена на таканаречените пан-африканистички или алтер-глобализациски кругови, главно преку мрежите на социјалните медиуми. Меѓутоа, повремено, улични демонстрации со кои се бара повлекување на француската армија од Нигер се одржуваат од граѓанското општество или синдикатите. За време на нив редовно се веат руски знамиња.
