ДА НЕМА ПРИМИРЈЕ ДОДЕКА ПОСЛЕДНИОТ ТЕРОРИСТ ВО ГАЗА НЕ БИДЕ УБИЕН: Градоначалниците ова го побараа од Нетанјаху
Израелците сепак не креваат раце од Појасот Газа. Израелската армија ќе ја контролира Газа по војната.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската војска ќе ја контролира Газа по војната, неколку часа откако тој за Фокс њуз кажа дека Израел не сака повторно да го окупира или да управува со Појасот.
Претходно оваа недела, Нетанјаху изјави за ABC News дека Израел ќе има целосна одговорност за безбедноста над Појасот Газа на неодредено време по завршувањето на војната против палестинската терористичка група Хамас.
„Силите на ИДФ ќе останат да го контролираат Појасот, нема да им го дадеме на меѓународните сили“, им рекол Нетанјаху на јужните градоначалници.
Американските функционери изнесоа идеја во последниве недели дека некаков вид меѓународна сила, веројатно со војници од соседните арапски сојузници, ќе управува со безбедноста во Појасот Газа. Но, Нетанјаху изгледа дека целосно ја отфрла идејата.
„Градоначалниците му рекоа на Нетанјаху дека сакаат поинаква безбедносна реалност по завршувањето на војната и го повикаа да не се согласи на примирје додека „последниот терорист во Газа не биде убиен“, рече портпаролот на премиерот во изјавата.
Нетанјаху им вети на градоначалниците дека владата ќе им обезбеди економска помош на градовите на границата со Газа за да ја надомести штетата предизвикана од нападите на Хамас.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека настаните што се случија во Појасот Газа во текот на изминатиот месец претставуваат „несреќа, катастрофа и злосторство против човештвото“.
ОН го повикаа Израел да го отвори контролниот пункт Керем Шалом на границата со Појасот Газа, јави ДПА.
