ДА НЕ ПАНИЧИМЕ, ДА ПОМАГАМЕ ЕДЕН НА ДРУГ, ДА СЕ ЗАСОЛНИМЕ ВО МЕТРОАТА: Наталија Бенедик за животот во завојуваниот Киев
Се слушаат
свирење на автомобилите и детонации. Веројатно се приближуваат до градот. Ни
кажаа дека мораме да се скриеме под земја во метрото или во скривалишта. На
мапата на градот ги има доста. Но, досега не сум отишла таму. Се надам да нема
да дојде до стрелање по стамбените згради. Од прозорецот гледав дека и луѓето
со посебни потреби со колички одат во скривалишта. Ќерката ја пратив кај сестра
ми и нејзиниот сопруг, тие во зградата имаат подземен паркинг. А јас останав со
синот дома. Слушнавме разни информации, дека во планот на непријателот е до
изутрина да ја опколи престолнината,
раскажува ексклузивно од Киев, професорката Наталија Бенедик, мајка на синот Валериј (24) и ќерката Дијана (15).
Имате ли доволно храна, лекови, електрична енергија, интернет. Што најмногу недостасува?
-Храна, вода има во доволна количина, засега немавме ниту рестрикции, ниту прекини на електрична енергија. За секој случај наполнивме вода во канти.
Телефонската врска и интернетот функционираат нормално.
Најмногу ни недоставува одговорот на прашањето „од кога не спасуваат непријателските трупи и како ќе преговараме или соработуваме од утре со „спасувачот“?Јас сум славист, целиот живот сум посветена на македонистика, владеам и работам со хрватски и српски јазици, професор сум по украински јазик и литература. И сега во кој поглед ќе му биде корисна мојата квалификација на „спасувачот“. Наместо да подготвувам деца за полагање испити по украински јазик и литература за запишување на факултет, се прашувам дали ќе има оваа година упис. Денес еден ученик храбро ми потврди дека ќе работиме, и покрај тоа што не бев расположена за работа. По некое време го откажав часот. Му реков: „Можеме ли да ја одложиме нашата работа, бидејќи ме печат во душата денешните настани?. Сигурно денес-утре ќе се смири ситуацијата и ќе се вратиме на старото, тогаш ќе продолжиме“.
Ви пишувам, го слушам свирењето на колите и детонациите и се сомневам дека од утре-задутре ќе можеме да се вратиме на нашето добро старо време. Не сакам да верувам, но не дај Боже, од утре да бидеме приморани да учиме руски јазик за запишување на украинските факултети...
Што најмногу ве боли во оваа ситуација?
-Најмногу ме боли што умираат младите момци. Кога утрово излегов од дома и по пат до продавница ги среќавав младите момци, почувствував дека во моето срце се раѓа некое ново чувство на посебна почит кон нив. Посебен восхит што тие се племенити, образовани, јаки, привлечни. Таа племенитост им зрачи на лицето. А сега таков млад живот мора да се жтрвува. Се чудам како човекот знае да навикне на се и на доброто и на лошото. Во текот на денешниот ден на некој начин се „навикнавме“ на страв за животот. Сега, кога слушаме дека „спасувачот“ зазема уште некој град, а детонациите повремено одекнуваат зад прозорецот, свесни сме дека се приближуваат до нас во муабетите со пријателите се прашуваме како ќе биде понатаму? Колку уште ќе има жртви? Од што ќе се живее понатаму?
Целиот разговор на Женски магазин