Економија, финансии, бизнис

Контакт

Цвета трговијата со илегални лекови во светот

Цвета трговијата со илегални лекови во светот

 Трговијата со илегални лекови во светот зема се поголем замав. Се работи за исклучително вносен бизнис, кој може да има смртоносни последици.

Таблетите против болки се од креда, препарати за слабеење содржат отровен арсен, а средствата за потенција се направени од вода. Со фалсификувани лекови меѓународна банда криминалци секоја година остваруваат милијардски приходи. Стоката најчесто ја продаваат преку интернет. Во најдобар случај супстанциите се без ефект, но понекогаш се и смртоносни. Се проценува дека само во Африка 700.000 луѓе годишно умираат, бидејќи користеле лажни лекови против маларија и туберкулоза.

Трговијата со илегални препарати цвета ширум светот, исто така и во Германија. – Секоја година бројките се во пораст – вели Рут Халити од Царинската управа во Келн. Само во првата половина оваа година германската царинска контрола открила 1,4 милиони лажни апчиња, прав и ампули, 15 отсто повеќе од истиот период минатата година. Халити смета дека тоа е само врв на огромниот брег.

Потрага по сомнителни пакетчиња

Работилници во гаражи и лаборатории во дворови, во кои се прават лажни лекови, постојат насекаде во светот. Многу се наоѓаат во источноазиските држави. Едно од главните места за внесување на пратки од земјите надвор од ЕУ е аеродромот во Франкфурт. Таму царинската контрола систематски проверува околу 90 тони авионски пратки годишно.

Прво обраќаат внимание на изгледот на пратката. – Тоа може да биде одредено пакување или впечатлива пратка – вели Халити. Ако во писмата и пакетчињата се најдат сомнителни лекови, се проверуваат во лаборатории. Трговијата со илегални лекови стана вносен бизнис. – Се работи за организиран криминал, каков порано го препознававме кај продавниците со наркотици – вели Халити и додава дека трговијата со лекови донесува значително поголеми приходи од бизнисот со дроги.

Рации против меѓународни банди

Безбедносните органи соработуваат за да ја разбијат мрежата на фалсификатори ширум светот. Во текот на шест месеци над 100 држави за време на една недела го следеле меѓународниот промет на стоката, за да влезат во трага на лажните лекови. Истражувачите откриле околу 10 милиони сомнителни пратки. Околу 200 лица биле уапсени. ЕУ исто така стана активна и во 2010 година усвои закон за лекови. Со него се предвидува од 2017 година пакувањата на лековите да имаат сигурносен код. На тој начин секој препарат може да се идентификува, како и да се одреди неговиот производител. Системот ги опфаќа сите сертифицирани аптеки на кои припаѓа и интернет понудувач како што е Док Морис.

Сепак, тие фалсификатори кои тргуваат преку интернет и од кои се заканува најголемата опасност, не се опфатени со тоа. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека секој втор лек кој се нуди на интернет е фалсификат. Посебно се загрозени потрошувачите во земјите во развој. Таму луѓето се со ниски плати и мора да ги купат неопходните лекови во слободна продажба, наместо во аптеките.

Смртоносни последици

Препаратите против маларија, средства за срце, намалување на притисок, дури и лекови против сида, можат да се купат на интернет. Препаратите често се произведуваат под катастрофални хигиенски услови. Во примерите има на пример и измет од глувци. Целосно бескрупулозните производители од рамнодушност во препаратите додаваат и отровни супстанци.

Кои се можните последици, покажува еден од најстрашните примери од Нигерија во Африка. Според податоците на СЗО таму кон средината на 90-тите умреле 2.500 луѓе, откако биле вакцинирани со лажен лек против менингитис.

Извор: Миа

Слично

Поврзани вести