ЦИВИЛ ОД ХЕРСОН: Русите провалуваат во станови, во тек е организиран грабеж
Русите малтретираат цивили во окупираните региони. Еден од малкуте цивили кои останале во украинскиот град Херсон за Гардијан ја опишува својата секојдневна борба за опстанок под руската окупација, а неговото признание го пренесува index.hr.
Човекот раскажал дека по 15 часот нема народ на улиците.
„Наутро излегуваат да купат намирници и потоа седат дома. Херсон го ограбуваат Русите. Земаат сè – споменици, противпожарни возила, амбулантни возила и канцелариски столчиња. Провалуваат во станови. Дури и прозорците на градското собрание исчезнаа. Во тек е тотален организиран грабеж на градот. Автомобилите го пренесуваат пленот до реката, а оттаму со чамци се транспортираат до левиот брег“, вели цивил од Херсон.
Русија ги повикуваше цивилите да си заминат.
„Но, како мене, многу од моите пријатели останаа. Ние купуваме храна и вода. Не веруваме во присилна евакуација. Има гласини дека луѓето биле однесени во оддалечените области на Русија, но тоа се само гласини“, додава жителот на Херсон. Пред војната, во Херсон живееле околу 350.000 луѓе. Руската администрација во окупираната украинска област Херсон вчера соопшти дека многу населени места, вклучително и градот Херсон, останале без вода и струја по, како што го нарече, чин на „саботажа”. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за оштетување на инфраструктурата по серијата бомбашки напади од двете страни. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари.
