ЦИА ПРОНАШЛА „ВЕРОДОСТОЈНИ ДОКАЗИ“ ЗА НАПАДИТЕ ВРЗ ИРАН: Во каква состојба е нуклеарната програма?
Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ратклиф, објави дека агенцијата пронашла, како што изјави, „веродостојни докази“ кои укажуваат дека нуклеарната програма на Иран била сериозно оштетена во неодамнешните напади.
„Ова вклучува нови разузнавачки информации добиени од историски сигурен извор и методологија, кои покажуваат дека неколку клучни нуклеарни објекти во Иран се уништени и дека ќе бидат потребни години за нивно обновување“, рече Ратклиф, како што објави CNN.
Изјавата доаѓа откако телевизиската мрежа CNN, повикувајќи се на прелиминарна анализа од Агенцијата за одбранбено разузнавање (ДИА), објави дека американските напади веројатно не ги нарушиле капацитетите за производство на нуклеарно оружје на Иран на долг рок, туку само ги одложиле за неколку месеци.
Белата куќа ја оспори таа проценка, опишувајќи ја како „неточна“.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека нападите ја „уништиле“ способноста на Иран да развива нуклеарно оружје.
Директорката на Националното разузнавање, Тулси Габард, исто така, се огласи на социјалните мрежи за да каже дека „новите разузнавачки информации“ потврдуваат дека нуклеарните објекти на Иран се „уништени“.
„Новите информации го потврдуваат она што претседателот постојано го повторуваше: нуклеарните објекти на Иран се уништени“, напиша Габард, без да даде дополнителни докази.
Таа рече дека доколку Техеран се обиде да ги обнови објектите во Натанц, Фордо и Есфахан, тоа ќе бара нивна целосна реконструкција, што ќе трае со години.
Еуроњуз