ЧЕШКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ СЕ ЗАКАНИ НА РУСИЈА: Ги потсети дека она што им се случи со Турција, ги чека и со НАТО
Чешкиот претседател Петр Павел се закани на Русија, предупредувајќи дека сојузниците во НАТО ќе мора да соборат руски авион доколку продолжат прекршувањата на воздушниот простор.
„Русија денес го тестира не само нашиот интегриран противвоздушен систем, туку и нашата решеност да се браниме. Со некои народи не можеш поинаку – мора да заврши лошо за да сфатат дека тоа не е исправен пат“, рече Павел во дебата со ученици во градот Соколов, во западниот регион Карлови Вари.
Тој нагласи дека Русија го почитува исклучиво принципот на сила, додека воздржаноста ја толкува како слабост.
„Не велам дека секој упад треба да заврши со соборување на авион, но ако тоа биде неопходно, ќе мора еднаш да се случи за Русите да разберат дека постојат правила кои не смеат да се прекршуваат“, изјави чешкиот претседател.
Павел потсети дека додека бил на чело на Воениот комитет на НАТО, Русија постојано го нарушувала турскиот воздушен простор.
„Тие провоцираа и тестираа додека Турција не се налути и не собори два-три авиони. Потоа настана мир. Русија разбра дека пред себе има противник кој нема да дозволи да му го нарушуваат воздушниот простор“, нагласи Павел.
Во своето излагање пред учениците, чешкиот претседател ја истакна потребата НАТО да остане решителен и обединет во одбрана на своите територии. Русија на 24 февруари во 2022 година ја нападна Украина и војната уште трае.
foto Facebook/Petr Pavel
