Чешка подготвува референдум за излез од ЕУ
Чешка може да одржи референдум за излез од ЕУ поради поддршката на Европската комисија за воведување на безвизен режим со Турција.
Во чешкиот Парламент почнаа дебатите по предлог на пратениците на десноцентристичката коалиција „Зора“. Тој (предлогот) беше одобрен од 96 од присутните 169 пратеници во долниот дом на парламентот во Прага.
„Совршено недозволиво е 75-милионската муслиманска земја која свесно соработува со „Исламска држава“, да добие слободен пристап во Европа и Чешка. ЕУ одамна не ги штити интересите на европските граѓани. Таа стана диктаторска организација“, изјави претседателот на „Зора“ Мирослав Лидински.
Според коалицијата целта на иницијативата не е „уништувањето на добрите работи во ЕУ, туку прекин на самоубиствената политика на европската елита“.
Политиколози во земјата ја сметаат „Зора“ за популистичко, националистичко исламофобско движење. Денешниот нивен предлог сепак беше поддржан од комунистите, мнозинството од пратениците од Граѓанската демократска партија и некои претставници на партии во владејачката коалиција.
Според експерти вистинско спроведување на референдум за излез на земјата од ЕУ нема да добие поддршка во парламентот. Дебатите се повеќе израз на несогласувањето на многу чешки политичари со воведувањето на безвизен режим за Турција, како и со предвидените финансиски санкции за земјите кои не сакаат да учествуваат во квотата за распределба на бегалци меѓу земјите во ЕУ.
Ова не е прв ваков предлог на „Зора“. Во есента 2015 година оваа формација повторно предложи референдум за излегување од ЕУ, поврзан со одлуките на Брисел за квотата на распределба на мигрантите во земјите членки. Тогаш Лидински повика за усогласување со националниот суверенитет и реформи во ЕУ.
