Економија, финансии, бизнис

Контакт

Чешка да се припои кон фискалниот пакт на ЕУ

Чешка да се припои кон фискалниот пакт на ЕУ

Партијата ТОП 09, дел од чешката владина тристрана коалиција бара земјата да се вклучи во фискалниот пакт на ЕУ инаку ќе ја напушти власта.

Ова го изјави министерот за финансии, Мирослав Калоусек веднаш по средбата на раководството на партијата, чиј претседател е министерот за надворешни работи Карел Шварценберг.

- Тоа е многу важно. Ние сакаме да дадеме јасен сигнал дека припаѓаме на Европа. Сакаме да дадеме до знаење дека не правиме проблеми, изјави Калоусек.

Најголемата владејачка партија, ОДС (Граѓанската демократска партија) изрази жалење поради ултиматумот на ТОП 09 и оцени дека има можност за тоа да се разговара на претстојната средба на лидерите на тројцата коалициски партнери.

Партијата ТОП 09 уште минатата година, кога се договараше пактот ја критикуваше чешката одлука да остане настрана од тоа. Шварценберг тогаш изјави дека ставот кој го поддржува премиерот Петр Нечас (ОДС) и штети на Чешката Република.

Нечас тогаш тврдеше дека немало политички консензус во коалицијата и постоел отпор од страна на претседателот Вацлав Клаус.

Договорот беше потпишан во март минатата година од 25 земји на ЕУ, а само Чешка и Велика Британија се воздржаа. Тогаш Нечас изјави дека Чешка има можност да се вклучи во пактот подоцна.

Слично

Поврзани вести