ЧЕКОВИ ОД ПО 100 ЕВРА ЗА СИТЕ И ПОНИЗОК ДДВ НА СТРУЈАТА - оваа држава воведува мерки за заштита на населението
Белгија ќе го намали данокот на додадена вредност (ДДВ) на електричната енергија како дел од пакетот мерки за заштита на потрошувачите од поскапувањето на енергијата, најави денеска белгискиот премиер Александар Де Кру.
Цените на бензинот и електричната енергија нагло пораснаа од минатата година поради закрепнувањето на економиите од влијанието на пандемијата на Ковид, што доведе до високи потрошувачки сметки и надуени цени за многу производи, наведува Ројтерс.
„Ситуацијата е тешка. Владата покажа дека може да преземе избалансирани мерки кои одговараат на реалноста на теренот“, рече Де Кру на прес-конференција.
По доцните ноќни разговори, владата денеска одлучи да го намали ДДВ-то за струјата од 21 отсто на 6 отсто од 1 март до 1 јули, да им подели чекови од 100 евра на Белгијците и да ја прошири програмата на социјални цени.
Енергетскиот пакет треба да изнесува 1,1 милијарди евра (1,24 милијарди долари), според зборовите на министерката за енергетика Тина Ван дер Стратен, додека просечното намалување на сметката за домаќинствата ќе изнесува 165 евра.
Повеќето од 27-те земји на Европската унија презедоа мерки за заштита на потрошувачите од високите цени на струјата. Бугарија ги замрзна регулираните цени на топлината и електричната енергија до крајот на март, Шпанија и Франција ги усвоија ограничувањата за зголемување на сметките за енергија, додека другите земји, вклучително и Шведска, понудија компензација за најтешко погодените домаќинства.
