Часовникот отчукува за швајцарската банкарска тајност
Швајцарија се соочува со зголемен притисок конечно да ја отфрли својата долга традиција за банкарска тајност. САД веќе соопшти дека од швајцарската влада очекува автоматски да им обезбеди на американските власти информации за американските граѓани.
Сега и Европската Унија бара автоматска размена на информации, политика која неевропската членка Швајцарија тешко дека ќе ја избегне, ако сака пристап на европските финансиски пазари.
Но откажувањето од банкарската тајност изгледа ќе биде болен процес за Швајцарците. Додека другите земји ја гледаат оваа пракса како начин да се сокријат нелегално заработените профити од криминал, корупција или заради избегнување на плаќање даноци, во Швајцарија на ова се гледа како на почесна политика која ги илустрира односите на доверба помеѓу државата и граѓаните.
„Потеклото на швајцарската банкарска тајност... е навистина професионална тајновитост како што е онаа на лекарите или на адвокатите“, објаснува Мичел Дероберт, шеф на Асоцијацијата на швајцарски приватни банкари.
„Тоа подразбира неиздавање на податоци на нивните клиенти, и не треба да им го повторуваме тоа на други луѓе“.
Почесна историја?
Оние кои сакаат да ја задржат сегашната тајновитост тврдат дека првпат таа била воведена во 30-ите години од минатиот век, со цел да ги заштитат германските Евреи кои ги инвестирале своите средства во швајцарските банки, со цел нацистите да не дојдат до нив.
Иако е сето ова вистина, всушност швајцарскиот банкарски акт од 1934 бил воведен во пресрет на скандал во кој било јавно обелоденето дека бројни француски политичари и бизнисмени имаат скриени пари во Швајцарија. Овој акт бил создаден да ја заштити приватноста на клиентот во иднина.
Ако последните случувања поврзани со посрамотениот француски министер за буџет, Џером Каузак, имаат некаква врска со ова, некои европски политичари продолжуваат да имаат корист од тајновитоста.
Неодамна се откри дека Каузак, обвинет за даночна евазија во Франција, ставил стотици илјади евра на тајна банкарска сметка во Швајцарија, со надеж да го избегне вниманието на даночниците.
Примерите како овој предизвикуваат бес во европските главни градови задушени од економската кирза, како и во Грција, каде толку потребни приходи од даноци исчезнале во швајцарските банки, а целта да се соберат што повеќе неплатени даноци, колку што е можно побрзо, е најголемата причина што притисокот врз Швајцарија денес е толку голем.
Потрага по швајцарската душа
Во самата Швајцарија, долги години имаше потрага по душата додека самите Швајцарци се прашуваа дали политиката коа изгледа дека функционира толку добро дома, каде швајцарците самите си ги плаќаат своите даноци наместо на изворот, е навистина соодветна за странските клиенти.
„Мислам дека се додека постојат места каде луѓето можат да ги сокријат своите пари, ќе биде навистина тешко да се справите со корупцијата“, вели Жан Пол Мин, кој раководи со Транспаренси интернешенел Швајцарија.
И додава: „И Швајцарија навистина имаше корист од банкарската тајност; многу пари дојдоа во земјата кои немаше да дојдат ако не постоеше ова“.
Професорот по право Филип Мастронарди се согласува со ова. Тој и бројни други швајцарски академици објавија манифест кој повикува на ставање крај на банкарската тајновитост.
„Дали е етички? Не“, вели тој. „За мене постои најважен принцип, а тоа е владеењето на законот и принципите на транспарентност и чесност, кои се прекршувани од оние кои го користат банкарскиот систем во Швајцарија“.
„Економска војна“
За швајцарската влада, ова прашање станува жежок политички костен. Министрите се фатени меѓу реалноста од потребата за добри односи со Европа и САД, и домашното расположение кое не е наклонето кон потчинување на странските барања.
Ив Нидегер, член на парламентот од десничарската Швајцарска народна партија, вели дека проблемот е дали Швајцарија може да си воспостави свои закони.
„Дали сме независна држава, каде правилата на парламентот се применуваат на нашата територија, или сме колонизирана држава чии закони се одредени од моќните соседи?“
Нидегер на притисоците од Европа и САД гледа како на „економска војна“, поттикната провенствено од љубомората заради швајцарскиот успех во управувањето со поголемиот дел од светското приватно богатство.
Тој е еден од многуте кои не е подготвен да се предаде, и изгледа дека е подготвен да оди до недоглед за да се задржи швајцарскиот банкарски тајност.
„Мислам дека Швајцарија има уште неколку карти да одигра“, вели тој.
„Можеме, на пример, да понудиме гаранција за грчкиот долг, не да го платиме, туку да го гарантираме. Само ние можеме да го сториме тоа, грчкиот долг може да стане тројно „А“, може да биде атрактивен за продавање, и гаранцијата може да биде контролирана се додека се почитува нашата банкарска тајновитост“.
Ова можеби не е најреалното сценарио, но секако дека придонесува во широко распостранетото незадоволство кое се гледа од начинот како ЕУ и САД ја диктираат швајцарската политика.
Преговарано решение?
Додека Нидегер изгледа подготвен да продлжи да се бори, мнозина во Швајцарија, повеќето самите банкари, изгледа дека се подготвени да преговараат.
„Не можеме да бидеме во војна со нашите соседи околу овие прашања, тоа е многу јасно“, вели Мичел Дероберт.
„Го гледаме светот, целиот свет како се придвижува кон единствен стандард. Ако е тоа случајот, тогаш е очигледно дека ќе мораме да се прилагодиме кон тој стандард“.
Фактот што водечките банкари, како што е и Дероберт, сакаат да преговараат, е досега најјасен сигнал дека Швајцарија се подготвува да го прифати она што некогаш беше незамисливо: крај на банкарската тајновитост.
