Цените на становите во Иран се зголемија за 80 отсто
Иранците наоѓаат засолниште од инфлацијата во недвижностите, а цените на становите скокнаа за 80 проценти.
Падот на цените на златото и слабеењето на националната валута поттикнаа нов бран инвестиции во недвижности, кои многумина ги сметаат за побезбедно засолниште за капиталот.
По години стагнација, пазарот на недвижности во Техеран доживува неочекувано закрепнување и покрај 40-дневните бомбардирања на САД и Израел. Сè повеќе Иранци се свртуваат кон недвижностите како заштита од инфлација, додека златото, традиционално омилено безбедно засолниште за капиталот, ја губи својата привлечност.
Иако официјалните бројки сè уште не се објавени, Синдикатот на агенти за недвижности во Техеран проценува дека цените и кириите за домување се зголемиле за дури 80 проценти од почетокот на војната кон крајот на февруари. Тој раст ја надминува дури и високата стапка на инфлација.
Агентите и купувачите велат дека зголемениот интерес за недвижности, чии реални вредности опаѓаа во последните години, не е знак на оптимизам, туку одраз на економска неизвесност. Бројот на трансакции останува релативно низок во метрополата со околу 10 милиони луѓе.
Податоците на иранската влада објавени оваа недела покажаа дека годишната инфлација достигнала околу 84 проценти, највисоко ниво во последниве децении. Во исто време, цената на златото, една од најпопуларните форми на штедење во Иран, нагло падна оваа година откако достигна рекордни нивоа, дополнително охрабрувајќи ги граѓаните да бараат алтернативни начини за зачувување на вредноста на нивните средства, објавува „Фајненшл тајмс“.
Големи зголемувања на цените се забележани и во руралните области околу Техеран и во туристичките одморалишта долж брегот на Каспиското Море, кои станаа засолништа за жителите кои бегаа од загрозените области за време на конфликтот.
Бидејќи Иран нема развиен систем за хипотеки, пазарот на недвижности во голема мера се потпира на купување во готово. Купувачите честопати мора да го платат целиот износ во рок од неколку месеци, а понекогаш и одеднаш, пренесува Forbes Hrvatska.foto Wikipedia/ آرش (Arche)
