ЦЕНИТЕ НА НЕДВИЖНОСТИТЕ РИПНАА НАД 53 ОТСТО: Високите трошоци за живот ги кршат основните права на граѓаните на Европската Унија
Високите трошоци за живот сè повеќе ги кршат основните социјални и економски права на граѓаните на Европската Унија, се наведува во годишниот извештај на Агенцијата на ЕУ за основни права (FRA), со предупредувања за растечка омраза на интернет и проблеми во интеграцијата на странските работници.
Директорката на FRA, Сирпа Рауцио, оцени дека граѓаните низ ЕУ се соочуваат со „секојдневни притисоци поради продолжената криза со трошоците за живот“, објави Фигаро.
Според агенцијата, цените на недвижностите во Европската Унија се зголемиле за 53,4 проценти помеѓу 2015 и 2024 година, додека кириите се зголемиле за 16,8 проценти во истиот период.
Европската федерација на организации за бездомници проценува дека во 2026 година во ЕУ би можело да има повеќе од 1,2 милиони бездомници.
Извештајот, исто така, посочи на растечките последици од меѓународните тензии и војните врз социјалната стабилност во Европа, вклучително и намаленото чувство на безбедност и порастот на говорот на омраза на Интернет, на што е изложено повеќе од една третина од населението на ЕУ, според FRA.
Агенцијата, исто така, предупредува на значителни проблеми во вработувањето на граѓани од трети земји, кои се соочуваат со дискриминација, преквалификација и експлоатација, додека во исто време ЕУ забележува недостаток на квалификувана работна сила.
